Не се чувствувам виновен ниту за првото, нити за второто кривично дело со оглед на правната квалификација. Вака се изјасни поранешниот судија од Апелација, Ѓоко Ристов, кој е суспендиран откако Обвинителството му најде пари заѕидани во цигли во кујната во куќата на неговиот дом во Неготино.

Судијата Ристов кој долги години судеше во Кривичниот суд, денеска седна од спротивната страна, на обвинителското столче.
Во воведниот говор обвинителката Искра Хаџи Василева рече дека Ристов свесно презел дејствија спротивно на одговорноста на која го повикува судската тога. Додека бил апелационен судија, тој дал погрешни податоци за имотната состојба.
„Ние ќе ја докажеме неговата намера за лажење. Тој противправно стекнал и не пријавил 450 просечни плати во ѕид или 350.000 евра. Тоа ги надминува неговите месечни приходи. Никогаш тој имот не го пријавил, зашто нема законска основа за нивното потекло. Тоа нè носи кон второто дело Перење пари. Беа завиткани во фолии во банкноти по 500 и по 200 евра, закопани во дупки во цигли и зад плочки и зад кујнски елементи, на вториот кат. Овие пари потекнуваат од трговија со влијаниние, ние ќе го докажеме тоа. Обвинетиот даде лажни податоци, не се покаја, а судија е”, кажа обвинителката во воведниот збор и потсети дека тој не го пријавил ни станот во скопски Карпош од кој денеска беше спроведен од куќен притвор.
Судијката Коцевска го повика Ристов на пултот да се изјасни за вина.
„Не се чувствувам виновен ни за првото, ни за другото кривично дело”, кажа обвинетиот судија Ристов.
„Ѕидовите зборуваат, а доказите молчат, такво е ова обвинение. Ќе одговориме на холивудскиот наратив на Обвинителството и на нивниот неиздржан филм користејќи го емотовниот нартив на јавноста. Мојот клиент кој професионално си ја извршува работата, беше осуден во јавноста уште пред да почне судењето. Најдени се пари во ѕид на туѓа куќа и не постои доказ кој го поврзува со неговата функција. Ќе докажеме со документи дека неговите родители легално го стекнале овој имот. Второто дело Перење пари е чист сензационализам и претпоставки”, рече во воведниот збор неговиот адвокат Ѕвонко Давидовиќ.Тој најави дека ќе докажат дека парите се на неговите родители и дека нивниот имот е легално стекнат.
Таа рече дека ќе докаже дека парите во семејната куќа биле негови, стекнати со трговија на влијание. Хаџи Василева ќе докажува и перење пари.
Токму на ова кривично дело детално му се посвети Ристов, дека Обвинителството нема да може да го докаже.
Ристов падна откако прво беше уапсен поранешниот државен правобранител Фехми Стафа кој во Обвинителство ги пријави контроверзниот обвинет и осуден бизнисмен Љупчо Пецов Ѓаволот. Тој пријави дека Стафа му барал пари за да издејствува домашен притвор кај Ристов додека е во бегство.




