Според прелиминарните резултати од пописот, кој се спроведува на секои пет години, населението на четвртата најголема економија во светот се намали на 123 милиони луѓе во 2025 година, што е за над три милиони луѓе помалку од претходниот попис во 2020 година.
Регистрираното намалување е повеќе од три пати поголемо од она помеѓу 2015 и 2020 година, пишува Франс Прес. Податоците „уште еднаш потврдуваат дека демографскиот пад на нашата земја се влошува“, изјави портпаролот на владата Минору Кихара.
Влошување на ситуацијата
Според Светската банка, Јапонија има најстаро население во светот по Монако. Стапката на наталитет во 2023 година била 1,2, што е далеку под 2,1 дете потребно за одржување на населението.
Официјалните податоци објавени претходно оваа година покажаа дека бројот на раѓања во Јапонија во 2025 година се намалил десетта година по ред, со вкупно 705 илјади нови раѓања.
Иако имиграцијата често се споменува како решение за демографскиот пад, конзервативниот премиер Санае Такаичи се залага за построги мерки против приливот на странци, пишува Франс Прес.
Јапонските лидери се обидоа, со ограничен успех, да го поттикнат бракот и стапката на наталитет преку зголемување на детските додатоци и бенефициите за одгледување деца, субвенционирање на породилно отсуство, па дури и лансирање апликации за запознавање.




