Шефот на Јужната команда на САД, генерал Франсис Донован, се сретна со високи кубански воени претставници во петокот на периферијата на американската поморска база во заливот Гвантанамо, додека американскиот претседател Доналд Трамп продолжува да врши притисок врз Куба и не ја исклучува можноста за воена акција.
Според соопштението на американската војска објавено на социјалната мрежа X, генерал Франсис Донован одржал „кратка дискусија за прашања поврзани со оперативната безбедност“ со кубанскиот генерал Роберт Легре Сотолонго.
Кубанското Министерство за одбрана ја потврди средбата на мрежата X и ја опиша како „позитивна“, наведувајќи дека двете страни разговарале за „теми од заеднички интерес“, пренесува CBS.
Ова е најновата средба на високо ниво меѓу САД и Куба, по посетите на Хавана од директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, пред две недели, и од дипломати на американскиот Стејт департмент минатиот месец.
Островската нација се соочува со сериозна енергетска криза откако Трамп се закани дека ќе воведе царини за секоја земја што извезува нафта во Куба, додека САД дополнително ги заострија санкциите и покренаа постапки против некои поранешни кубански функционери. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Куба мора да спроведе сеопфатни економски и политички реформи, додека американските претставници претходно посочија дека САД би можеле да ја прошират економската и безбедносната соработка со Хавана доколку има „фундаментални промени“ во земјата.




