дома Свет Немири во Франција по победата на ПСЖ, 3 лица повредени, 326 учесници...

Немири во Франција по победата на ПСЖ, 3 лица повредени, 326 учесници во немирите уапсени

Три лица се повредени, меѓу кои и еден полицаец, за време на вечервашните немири предизвикани од навивачите на фудбалскиот клуб Пари Сен Жермен (ПСЖ) на улиците на Париз по победата на нивниот тим во финалето на Лигата на шампионите против лондонски Арсенал. Според полициските податоци, вкупно 326лица се уапсени во цела Франција за време на навивачките немири.


Според неименуван полициски извор, една жена доживеала срцев удар и била лекувана од медицински причини, а друга жена е повредена со нож во близина на парискиот Плоштад на Републиката во 11-тиот арондисман, објавува „Ле Фигаро“. Полициски службеници беа нападнати во неколку делови од француската престолнина, каде што беа уапсени 200 учесници во немирите, а околу 20.000 луѓе се собраа на Шанзелизе во присуство на голем број безбедносни сили, потврди неименуван полициски извор, додавајќи дека биле спречени неколку обиди за грабеж во 8-от арондисман.

Според „Ле Фигаро“, покрај полицијата, на улиците на Париз беа распоредени и членови на елитната, високомобилна единица на Републиканскиот безбедносен корпус (CRS).Властите распоредија 22.000 полицајци низ целата земја, од кои 8.000 само во Париз.
Дополнително, во близина на стадионот „Парк де Принс“, полицијата успеа да контролира толпа од околу 1.000 навивачи, а потоа ги отстрани барикадите за велосипеди што беа поставени таму.
Во Гренобл, имаше и неколку инциденти и грабежи во продавниците „JD Sports“, „Foot Locker“ и „Lacoste“ лоцирани во центарот на градот, а според полицијата, крадците беа уапсени.
Навивачки немири беа пријавени во Диеп, каде што по натпреварот се слушна пукотници, а канти за ѓубре беа запалени.
Во Клермон-Феран, на Плоштадот Жод, во самиот центар на градот, избувнаа судири меѓу околу стотина млади навивачи и полицијата.

Фудбалерите на Пари Сен Жермен ја одбранија европската титула, откако вечерва во Будимпешта во финалето на Лигата на шампионите го победија Арсенал со 4:3 на пенали, откако резултатот беше 1:1 по 120 минути.

ПредходнаМицкоски – Мацут: Јакнење на регионалната поврзаност, инвестициите и соработката
СледнаПиратски брод со Британци потона во Турција. Луѓето скокаат во морето