САД денес воведоа санкции врз најголемата иранска берза за криптовалути Nobitex, нејзиниот менаџмент и три други ирански платформи за тргување со дигитални средства, објави Министерството за финансии на САД.

Санкциите се дел од поширока кампања на економски притисок врз Иран и доаѓаат во време кога дипломатските напори за постигнување договор меѓу Вашингтон и Техеран сè уште не даваат конкретни резултати, објави CNN.
Американските власти го обвинуваат Nobitex за олеснување на трансакции поврзани со активности што Вашингтон ги смета за терористички, вклучително и финансиски текови поврзани со Корпусот на Исламската револуционерна гарда (IRGC), како и за заобиколување на меѓународните санкции.
Министерството за финансии на САД изјави дека платформата, според нивните тврдења, им помогнала на иранските институции и поединци поврзани со владата да користат меѓународни крипто платформи и да пристапат до стотици милиони долари дигитални средства и покрај постојните ограничувања.
Санкциите ги вклучуваат и извршниот директор на крипто берзата Nobitex, тројцата коосновачи на компанијата и три други ирански крипто берзи. Вашингтон тврди дека „Нобитекс“ исто така одиграл улога во преместувањето на финансиските средства од Иран по почетокот на американските воени операции.




