дома Македонија Црна хроника Со презентација на нови материјални докази, продолжува судењето за пожарот во...

Со презентација на нови материјални докази, продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

Со изведување на материјални докази од Обвинителство, денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

На претходното рочиште Обвинителството презентираше докази за објектот, неговата сопственост и движење на имот – целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на објектот каде се наоѓала дискотеката „Пулс“.

Од материјалните докази поврзани со Општина Кочани и дискотеката беа презентирани записник од извршен вонреден надзор, при што се утврдени неправилности – за објект со одобрение за лесна индустрија повеќе години се користи како објект за угостителска дејност дискотека и за истиот нема одобрение за пренамена, потоа Барање за неиздавање лиценца за работа од Општина Кочани од 2012 година со известување дека претходното известување од Општината е дека паркинг просторот се однесува за објекти за лесна индустрија, а не за ноќен клуб, и барање од 2012 година од Општина Кочани до Министерството за економија дека имаат информации дека компанијата Класик ТП поднела барање за лиценца за дискотека и да бидат известени во врска со тоа.

Одбраната реагираше дека дел од доказите се прибавени на незаконит начин и не треба да бидат изведени како докази, како и на самата законитост на прибрани докази.

Обвинителство презентираше и Записник за пронајдени и одземени предмети откако се овозможиле услови за тоа на лице место на настанот – од лични документи, лап топи, каса со пари и други предмети, меѓу кои беа посочени 140 билети на кочан за влез во дискотеката Пулс, Договор за патролно осигурување меѓу Рубикон секјурити солушнс и ММММ Кафе ДООЕЛ, Известување за вршење дејност и записник од извршен инспекциски надзор за безбедност и здравје при работа во дискотеката.

Несреќата во дискотеката „Пулс“ , и пожарот во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

ПредходнаПол Макартни и патот кон Галичник – осврт на новиот албум на левиот Битлс
СледнаВо ЕУ само 23,4 отсто домаќинства се со деца, бројот на самци се’ поголем, кај нас само 2,6 домаќинства се со едно дете