Со изведување на материјални докази од Обвинителство, денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
На претходното рочиште Обвинителството презентираше докази за објектот, неговата сопственост и движење на имот – целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на објектот каде се наоѓала дискотеката „Пулс“.
Одбраната реагираше дека дел од доказите се прибавени на незаконит начин и не треба да бидат изведени како докази, како и на самата законитост на прибрани докази.
Обвинителство презентираше и Записник за пронајдени и одземени предмети откако се овозможиле услови за тоа на лице место на настанот – од лични документи, лап топи, каса со пари и други предмети, меѓу кои беа посочени 140 билети на кочан за влез во дискотеката Пулс, Договор за патролно осигурување меѓу Рубикон секјурити солушнс и ММММ Кафе ДООЕЛ, Известување за вршење дејност и записник од извршен инспекциски надзор за безбедност и здравје при работа во дискотеката.
Несреќата во дискотеката „Пулс“ , и пожарот во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.




