дома Култура Почнува јубилејниот 60. МТФ „Војдан Чернодрински“, прва претстава „Мачкина глава“

Почнува јубилејниот 60. МТФ „Војдан Чернодрински“, прва претстава „Мачкина глава“

Со претставата „Мачкина глава“ на Драмскиот театар Скопје денеска во Прилеп свечено се отвора 60. МТФ „Војдан Чернодрински“.

Јубилејниот 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ годинава под мотото „Храбриот нов театар“, ќе отвори дијалог за кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот, повикувајќи на театар што има став, што провоцира, преиспитува и не молчи.

– Фестивалот е мост меѓу традицијата што ја наследуваме и иднината што ја создаваме – меѓу минатото, сегашноста и новите театарски визии, велат организаторите предводени од уметничката директорка на фестивалот Ана Стојаноска.

Претставата „Мачкина глава“ е работена по текст на Венко Андоновски, а режисер е Дејан Пројковски.

За текстот на „Мачкина глава“ Андоновски ја добил наградата на ЕУРОДРАМ ̶ за најдобри драми во Европа во 2022 година.

Режисерот Пројковски за претставата вели дека е работена како постмодерна базирана на два пола, традицијата и катарзата во која се преклопуваат личната среќа и љубовта, страсти, желби и соништа на „малиот човек“.

Актерската екипа ја сочинуваат Рубенс Муратовски, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Филип Трајковиќ, Александар Степанулески,Сара Климоска, Игор Ангелов, Сања Арсовска, Златко Митрески и Предраг Павловски.

Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, а музиката ја компонираше Горан Трајкоски. Скулптор е Ангел Петровски, а фотограф Драган Гајиќ.

 

ПредходнаКако би изгледала Југославија на Светското првенство? Англичаните составија список во кој ставија и двајца Македонци
СледнаОвој зачин го претвора кафето во корисна енергија за мозокот, открива невролог