Управата на црногорската полиција денес објави дека бизнисменот Ацо Ѓукановиќ, братот на екс претседателот Мило, добил дозвола од Основниот суд во Никшиќ привремено да замине во друга земја.

Соопштението е издадено по информациите на социјалните мрежи дека Ѓукановиќ ја напуштил Црна Гора, објави денес РТЦГ.
„Во врска со наводите објавени во одредени медиуми во врска со заминувањето од територијата на Црна Гора од страна на лицето А.Ѓ, и имајќи предвид дека станува збор за лице и случај кои беа предмет на значително јавно внимание, ја информираме јавноста дека на именуваното лице му е дадена дозвола привремено да замине во друга земја од страна на судија на Основниот суд во Никшиќ“, соопшти Управата на полицијата.
Бизнисменот Ацо Ѓукановиќ, брат на поранешниот претседател и поранешен премиер на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, на 2 март од страна на Основното државно обвинителство во Никшиќ беше приведен во притвор поради основано сомнение дека сторил кривично дело нелегално поседување и носење оружје и експлозиви.
Управата на полицијата претходно објави дека при претрес на семејната куќа во Растоци, полицијата пронашла – ловечки карабин „Маузер“ со оптички нишан, во нелегално поседување; пушка од марка „Брно“ со оптички нишан од марка „Буснел“, во нелегално поседување; пушка од непозната марка, во нелегално поседување; пиштол од непозната марка, во нелегално поседување; ловечки карабин „М-48“, во нелегално поседување; пиштол „CZ 99 PARA“ со рамка што содржи пет куршуми муниција и потврда за оружје на име на починат член на семејството; повеќе од 400 куршуми муниција од различни марки и калибри; три празни рамки; пет заштитни балистички панцири; двоглед од марка „Zeis s“.




