Во Дајмонд мол денеска ќе се одржи второто издание на Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема, настан кој на едно место ги обединува музичката култура, колекционерството, издаваштвото и современата аудио технологија.
Од 10 до 22 часот, посетителите ќе можат да ја истражуваат богатата понуда на винилни плочи, компакт дискови, музички сувенири, ретки и колекционерски изданија, како и аудио опрема претставена од 27 учесници од Македонија, Србија, Грција, Германија, Италија, Бугарија и Холандија.

Саемот претставува ретка можност за директна средба и размена меѓу колекционери, издавачи, музичари и љубители на музиката од регионот и Европа.
Ќе настапат диџеи од Македонија, Србија, Грција и Бугарија, кои ќе понудат музичко патување низ различни жанрови и епохи, претворајќи го саемот во вистински фестивал на музичката култура.
Посетителите ќе можат да ја разгледаат и изложбата на канвас фотографии и оригинални врамени текстови од историјата на македонската рок сцена, додека покрај изложбениот дел на аудио опрема, ќе бидат организирани презентации за процесот на производство на винилни плочи, вклучително и видео презентација на фабриката Sony во Австрија, како и претставување на европски издавачки куќи кои активно работат на зачувување и развој на винилната култура.
Дополнителна содржина ќе понудат панел-дискусијата „Музичко издаваштво во Македонија – Лет во место?“ и музичкиот квиз.




