Проектот се наоѓа во рамките на поранешен заштитен природен екосистем, во близина на заштитеното подрачје Вјоса-Нарта, мочуришно живеалиште кое е дом на повеќе од 200 видови птици преселници, медитерански фоки-каурци и е место за гнездење на морските желки.
Еколошките групи предупредуваат дека проектот ќе ги загрози живеалиштата на овие видови, вклучувајќи ги и илјадниците фламинга што гнездат и минуваат низ областа секоја година. Орнитологот Леди Селѓекај истакна дека повеќе од 1% од светската популација на фламинга се наоѓа во Албанија.
„Секако, многу е важно да има инвестиции во земјата. Тоа е многу важно за економијата, но мора многу мудро да изберете каде да градите. Постои причина зошто оваа област се нарекува заштитено подрачје“, изјави таа за Ројтерс.
Патот кон туристички проекти на некои од овие локации беше отворен со контроверзни измени на законот на Албанија од 2024 година за заштитени подрачја, а за предметното одморалиште сè уште не е спроведена проценка на влијанието врз животната средина.
„Револуција на Фламинго“
Движењето против изградбата е наречено „револуција на фламинго“ поради важноста на областа за харизматичните розови птици. Подготвителните работи и пристигнувањето на тешка механизација минатата недела предизвикаа локални протести, проследени со масовни демонстрации во Тирана.

Демонстрантите се собраа пред канцеларијата на премиерот Еди Рама, носејќи розови балони во облик на фламинга и скандирајќи „револуција“ и „стопирајте го проектот“. „Албанија не е на продажба. Албанија му припаѓа на албанскиот народ и ние одлучуваме што сакаме да правиме тука. Некои корумпирани политичари кои ја водат Албанија не можат да одлучат што да прават со нашиот имот, со природното и културното наследство на Албанија“, рече писателката Линдита Комани, една од демонстрантите.
Денес, на локацијата на планираниот одморалиште немаше никакви знаци од градители или механизација.
Премиер: Мразители на Трамп, хибридна војна и антисемитизам
Од друга страна, албанскиот премиер Еди Рама ги отфрли растечките протести како политички мотивирана кампања поттикната од критичарите на американскиот претседател Доналд Трамп, инсистирајќи дека проектот не претставува ризик за фламингата и другиот див свет. Во интервју за Политико , тој ја бранеше својата политика за привлекување странски инвестиции за развој на туризмот.
„Да не беше Џаред, немаше да им е гајле што се случува во Албанија“, рече Рама на маргините од самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват. Тој тврдеше дека „мразачите на Трамп“ помогнаа во поттикнувањето на протестите. „Странците се прв приоритет… затоа што странците носат пари во земјата за Албанците“, рече Рама, истакнувајќи дека земјата го зголемила БДП за трипати откако тој станал премиер во 2013 година.
Тој рече дека не бил во контакт со Кушнер откако започнаа протестите, истакнувајќи дека и други инвеститори, како што е катарскиот „Пауер Холдинг“, биле вклучени во проектот.
„Ова нема да биде мојот Мар-а-Лаго“
Инвеститорите рекоа дека нивниот фокус ќе биде на „одговорно управување и подобрување на животната средина“. Албанската министерка за економија Делина Ибрахимај изјави дека се подготвуваат проценки на влијанието врз животната средина и дека инвестицијата ќе мора целосно да се усогласи со законодавството за животна средина.
Премиерот Рама инсистираше дека се обрнува внимание на влијанието на одморалиштето врз биодиверзитетот и дека не верува дека еколошките проблеми ќе ги загрозат надежите на Албанија за приклучување кон ЕУ во 2030 година. Тој рече дека европските лидери ќе можат „со свои очи да видат како фламингата и развојот коегзистираат прекрасно“.
Кога го прашале дали ќе биде домаќин на самитот во одморалиштето, тој одговорил: „Ова нема да биде мојот Мар-а-Лаго“.
Кушнер ги објави плановите за одморалиштето во 2024 година како дел од поширока инвестиција што вклучуваше и поранешен воен штаб во Белград . Тој го напушти проектот во Србија минатата година по уличните протести.




