ЈУТЈУБЕР Џеси Риџвеј, кој има над четири милиони следбеници, и неговата сопруга Ешли се најдоа на мета на закани со смрт откако јавно ја споделија својата одлука да ја прекинат бременоста. Двојката го направи овој чекор откако пренаталниот тест откри дека нивното неродено дете има Даунов синдром, а Риџвеј откри дека луѓето ги нарекувале „убијци“, објавува Entertainment Weekly.
Двојката ја објави веста за својата бременост на 29 март, но два месеци подоцна ги дознаа резултатите од амниоцентезата, кои покажаа дека детето има трисомија 21. После тоа, како што изјавија, донесоа „многу тешка одлука“ да ја прекинат бременоста, што предизвика лавина од реакции.
„Емоционално сме исцрпени“
„Знам дека некои од вас ќе бидат многу разочарани од оваа вест“, напиша Џеси во објава на Инстаграм. „Скршени сме. Ова беше исклучително трауматично за двајцата, особено за Ешли. Таа имаше операција претходно оваа недела и сега се опоравува. За среќа, сè помина без проблеми, но сме емоционално исцрпени.“
Смртни закани и осуди
Риџвеј, кој создава содржина за YouTube речиси 20 години, за „Лос Анџелес Тајмс“ изјави дека очекувал „одредено ниво на критики или несогласување“, но бил изненаден од обемот на реакцијата. „Да се види во што се претвори е прилично шокантно. Секоја година има милион абортуси и едноставно сум шокиран што одлуката на еден пар да ја прекине бременоста поради трисомија 21 стана главна вест“, рече тој.
Заедно со пораките за поддршка, двојката добила и „огромен број закани со смрт“. Онлајн нападите ги преплавија коментарите на нивните профили на Инстаграм, како и на Јутјуб каналот на Џеси, McJuggerNuggets, кој има 4,34 милиони претплатници.
Надежта дека нивната отвореност ќе им помогне на другите
И покрај осудата, Џеси се надева дека нивната отвореност може да им користи на другите кои се соочуваат со слична ситуација. „Има толку многу луѓе кои минуваат низ истото што го поминуваме и ние, а никој не зборува за тоа“, истакна тој.
„Верувам дека ако ја споделиме нашата приказна, таа на крајот ќе има позитивно влијание врз другите луѓе, кои можеби ќе се чувствуваат поудобно и помалку засрамено ако се најдат во истата ситуација. Се надевам дека другите ќе видат некаква вредност во тоа, но не можам ништо да наметнам. Луѓето ќе донесат свој суд.“




