дома Локално Тетовската општина ќе дава по 100 евра за секое запишано прваче

Тетовската општина ќе дава по 100 евра за секое запишано прваче

Општина Тетово воведува нова мерка за финансиска поддршка на семејствата, со која ќе се доделуваат по 100 евра за секое прваче запишано во основните училишта на нејзината територија.

Информацијата преку социјалните мрежи ја сподели советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Тетово, Ангел Карапетров, кој посочи дека локалната самоуправа донела одлуки кои директно ги засегаат најмладите.

„Првата одлука се однесува на еднократна финансиска поддршка за секое прваче во износ од 6.150 денари, мерка со која се овозможува полесен и поддржан почеток на новата учебна година за најмладите ученици и нивните семејства. Втората одлука предвидува реконструкција на паркот кај Музичкото училиште во Тетово, со што овој јавен простор ќе добие нов, помодерен изглед и подобрени услови за рекреација на граѓаните, особено на децата и младите“, напиша Карапетров во објавата.

Овие чекори на локалните власти наидоа на позитивни реакции и одобрување кај пошироката јавност во градот, пред сè поради олеснувањето на семејниот буџет во пресрет на новата учебна година.

ПредходнаПолицијата откри што ја предизвикало смртта на Халк Хоган
СледнаИако носеше накит вреден 700.000 долари, сите гледаа во фустанот на Дуа Липа.