Силни дождови го погодија јужниот дел од островот Кјушу во југозападна Јапонија денес, а метеоролошките власти предупредија за зголемен ризик од лизгање на земјиштето и поплави во ниските подрачја и излевање на реките.

Јапонската метеоролошка агенција соопшти дека над префектурите Мијазаки и Кагошима се формирале таканаречени линеарни дождовни ленти, или ленти со интензивни врнежи од дожд што се развиваат последователно над истата област, значително зголемувајќи го ризикот од природни катастрофи, објави Кјодо.
Агенцијата предупреди дека атмосферските услови ќе останат многу нестабилни низ западна Јапонија, вклучувајќи го и островот Шикоку, каде што врнежите од дожд би можеле да достигнат и предупредувачки нивоа.
Според прогнозите, до 300 милиметри дожд би можеле да наврнат во делови од Шикоку во рок од 24 часа до понеделник наутро, додека до 150 милиметри врнежи се очекуваат за јужен Кјушу и регионот Амами.
Метеоролозите соопштија дека временскиот фронт се протега од кинеското копно преку островите Нансеи до јужна Јапонија, додека системот со низок притисок се движи кон исток и североисток.
Приливот на топол и влажен воздух дополнително ги интензивира врнежите од дожд придружени со грмотевици.
Јапонската метеоролошка агенција соопшти дека регионот Токаи во централниот дел на земјата и регионот Канто-Кошин, кој го вклучува и Токио, официјално влегоа во сезоната на дождови.
Сезоната на дождови во регионот Токаи започна еден ден подоцна од повеќегодишниот просек и 21 ден подоцна од минатата година, додека во регионот Канто-Кошин започна во вообичаеното време, но 16 дена подоцна од 2025 година.
За двата региони следната недела се предвидува претежно облачно и дождливо време поради влијанието на влажниот воздух и сезонскиот фронт на дождови.




