Бронзената скулптура „Ева“ (Eve au Rocher) од францускиот скулптор Огист Роден ќе биде понудена на аукција, а се очекува да достигне цена помеѓу еден милион и 1,5 милиони фунти (1,74 милиони евра).

Скулптурата ќе биде дел од серија од шест специјализирани аукции на кои ќе бидат понудени дела од приватната колекција на покојниот Патрик и Лејди Амабел Линдзи, објави аукциската куќа „Кристи“, објавува „Лондон Ивнинг Стандард“. Првата аукција во циклусот ќе се одржи на 30 јуни во рамките на Неделата на класиците, кога ќе бидат понудени на продажба и голем број слики од стари мајстори. Меѓу нив е и делото „Мехмед II и патријархот Генадиј пред ѕидините на Цариград“ од ренесансниот сликар Џироламо Сантакрос, чија проценета вредност е помеѓу 100.000 и 150.000 фунти (околу 116.000-174.000 евра).
На аукцијата ќе биде понудена и слика од Мелкиор д’Ондекутер „Паун на гранка со верверица на дрво, мајмуни, папагал, гулаб и овошје на мермерна полица и јастреб, гулаб и ластовичка во лет“, со проценета цена од 200.000 до 300.000 фунти (231.000-347.000 евра). Уште четири дела од колекцијата ќе бидат понудени на есен, вклучувајќи ја и скулптурата „Коњ што паѓа“ од Едгар Дега, за која се очекува да достигне цена помеѓу 150.000 и 250.000 фунти (174.000-289.000 евра). Орландо Рок, претседател на „Кристи“ во Велика Британија, ги опиша Линдзиеви како истакнати личности во поновата историја на куќата. Тој рече дека Патрик Линдзи го водел одделот за сликарство до неговата смрт во 1986 година, додека Лејди Амабел, позната по својот префинет вкус во уметноста, работела како дизајнер на ентериер. „Најславните уметнички дела од нивниот приватен свет, овие важни слики, скулптури и илуминации одразуваат два извонредни животи, исполнети со љубопитност, талент, елеганција и непоколеблива посветеност на уметноста“, рече тој.
Семејството Линдзи изјави дека делата што ќе бидат понудени на аукција ги претставуваат највредните парчиња од колекцијата на нивните родители и домот во кој пораснале. Патрик Линдзи беше втор син на 28-миот Ерл од Крофорд и се ожени со Лејди Амабел, најстарата ќерка на 9-тиот Ерл од Харвик, во 1955 година.




