СДСМ денеска го повика градоначалникот на Карпош Сотир Лукровски да покаже лична и политичка одговорност и да поднесе оставка доколку не може да ја извршува функцијата.
– Доколку не сте во можност да ја извршувате функцијата градоначалник, покажете лична и политичка одговорност. Излезете пред граѓаните и јавно соопштете ја вашата одлука.
Граѓаните знаат колку е тешко да се работи со постојани политички притисоци, партиски и бизнис интереси кога е во прашање ВМРО. Затоа ве охрабруваме да постапите одговорно и да поднесете оставка доколку сметате дека не можете да ја извршувате функцијата, изјави Панче Милевски Панта, претседател на Општинската организација Карпош.

Официјалното боледување на градоначалникот, според СДСМ, завршило на 29 мај, а тој не се појавува на работа.
– Зошто не доаѓа на работа а прима плата? Зошто не им се обрати на граѓаните на Карпош да им каже за што станува збор? Не навлегуваме во ничија здравствена состојба, му посакуваме добро здравје на секој човек, но, јавноста има право да знае дали градоначалникот е способен да ја извршува функцијата за која е избран и дали Општина Карпош има активно раководство, вели Милевски.




