Ракот на дебелото црево е меѓу најчесто дијагностицираните видови на рак и останува водечка причина за смрт. Повеќето случаи започнуваат како мали, бавно растечки израстоци наречени аденоми или полипи, кои можат да се откријат и отстранат рано преку колоноскопија.

Сепак, научниците со години се обидуваат да разберат зошто луѓето на кои им се отстранети полипи продолжуваат да имаат поголем ризик од развој на рак на дебелото црево. Нова студија објавена во Cell Host & Microbe укажува на клучен фактор кој до неодамна беше потценет: цревниот микробиом.
Студијата, во која се користеле и споредувале податоци од над 10 различни студии на пациенти со рак на дебелото црево, открила дека пациентите кои некогаш имале полип продолжиле да имаат различен профил на микробиом дури и повеќе од една деценија по неговото отстранување.
Научниците идентификувале 31 вид микроби кои се промениле во иста насока и кај жените на кои им биле отстранети полипи и кај луѓето со рак. Метаболичката анализа, исто така, покажала неповолни трендови: зголемени нивоа на супстанции поврзани со воспаление и намалени нивоа на заштитни каротеноиди – антиоксиданси кои се добиваат преку овошје и зеленчук.
Овие карактеристики се поврзани со начинот на живот. Понеповолен профил на микробиом е почест кај жените кои консумираат повеќе црвено месо и засладени пијалоци, имаат повисок индекс на телесна маса и вежбаат помалку.
Спротивен тренд беше забележан кај учесниците кои јадеа повеќе овошје, зеленчук и интегрални житарки и водеа поактивен начин на живот.
Зеленчукот е клучен за добар микробиом
Новата студија вклучувала само жени, што значи дека резултатите можеби не се целосно применливи за мажи. Податоците за навиките во исхраната и физичката активност биле самопријавени, што е изложено на ризик од неточности. Покрај тоа, примероците биле земени само еднаш, години по отстранувањето на полипот, што не дозволува следење на индивидуалните промени со текот на времето.
Сепак, наодите од студијата се охрабрувачки бидејќи покажуваат дека факторите поврзани со поздрав микробиом се усогласуваат со препораките за намалување на ризикот од рак на дебелото црево. Јадењето храна богата со растителни влакна, ограничувањето на црвеното и преработеното месо, пиењето помалку шеќерни пијалоци, физичката активност и јадењето разновидно овошје и зеленчук се навики кои можат да помогнат во одржувањето на здравјето на цревата .
Подеднакво е важно да се следат препорачаните скрининг прегледи. Луѓето на кои веќе им е отстранет полип треба строго да го следат распоредот за контролни колоноскопии, додава Eating Well .




