Едно лице загина, а 22 се повредени откако голем шатор се урна за време на црковна служба на отворено во Монета, Вирџинија, соопштија локалните власти.
Инцидентот се случил синоќа околу 18:45 часот по локално време во црквата „Ист Лејк“ за време на прославата на 20-годишнината од основањето на заедницата, објави ABC.
Според округот Бедфорд, 11 повредени лица биле префрлени во локалните болници, додека уште 11 лица биле згрижени на местото на настанот поради полесни повреди.
Властите соопштија дека непосредно пред несреќата, силно невреме проследено со обилни врнежи од дожд, грмотевици и силни ветрови го погодило подрачјето, што предизвикало уривање на шаторот.
Црковниот пастор Трој Китон изјавил дека силен налет на ветер ја кренал структурата токму кога ги повикувал луѓето да се упатат кон своите автомобили.
Според окружните власти, шаторот поминал инспекција неколку дена пред инцидентот.
Гувернерката на Вирџинија, Абигејл Спанбергер, изрази сочувство до семејството на жртвата и поддршка за погодената заедница, заблагодарувајќи им се на службите за итни случаи за нивниот брз одговор.




