дома Живот Стабилна врска? Склопете фиоки од Икеа, па ќе видите

Стабилна врска? Склопете фиоки од Икеа, па ќе видите

Не си го познавате партнерот сè додека не се соочите заедно со некои интересни животни предизвици. А тоа не се ни романтичните патувања ни споделените трауми од детството ни разговорите на темата „Каде се гледаш за десет години?“

Ако сакате навистина добро да се запознаете и да видите дали врската ќе ви биде стабилна, склопете мебел од Икеа.

Предизвикот „Склопување фиокар Малм“ 

Влегувате во изложбен салон на продавница за мебел каде што сè е организирано и мириса на цимет, а иднината изгледа светла. Но…

Вистинскиот тест за врската почнува на паркингот, кога ќе се обидете да напикате три кутии во малиот багажник.

Продолжува кога во дневната соба ќе ги отворите упатствата за склопување на фиокарот и видите дека се преполни со египетски хиероглифи.

Најчесто, на комплетот делови мистериозно му недостасува еден шраф (или уште полошо, ви остануваат три дополнителни делчиња). Тогаш ќе видите на што сте.

Лош знак: Ги пцуе шведските инженери, го фрла хексагоналниот клуч кон мачката и одбива да признае дека страната на фиоката е наопаку.

Добар знак: Седите на подот, пиете вино од пластични чаши, се смеете на искривената фиока и си велите: „Добра е и вака!“

ИКЕА, значи, не продава само мебел, туку и шведски тест за емоционална интелигенција. Постои една сериозна (а и смешна) теорија за ова прашање, па некои психолози склопувањето мебел го нарекуваат „крајниот тест на врската“.

1. Проектот е метафора за вашата заедничка иднина

Кога купувате комода или кревет, не купувате само парче дрво. Ја купувате идејата за вашиот заеднички дом.

Од вас се бара да се согласите околу стилот, буџетот и функционалноста. Успешното склопување е остварување на вашите заеднички напори.

Гледањето на резултатот добиен од куп штици благодарение на вашата тимска работа ве исполнува со чувство на заеднички успех.

2. Ве учи да комуницирате во криза

Комуникацијата во врска со шведските штици е еден вид рендгенска снимка на вашата врска.

Упатствата без зборови се направени да изгледаат лесно, но токму оваа илузија создава фрустрација кога нешто ќе тргне наопаку.

Додека работите, се гледа како ги определувате своите улоги под притисок: кој води, а кој следи; како се однесувате еден кон друг (со викање или со „Те молам подај ми го тој шраф“) и како реагирате на грешките.

Кога упатствата велат едно, а со очите гледате друго, комуникацијата ви се менува.

Според психолозите, начинот на кој паровите комуницираат во ваквите мигови спаѓа во три главни јазични категории:

„Пасивна агресија“ – реченици од типот: „Не дека јас подобро разбирам, ама дали си сигурен дека ова треба да биде горе?“ или класичните тивки, тешки воздишки додека броиме завртки.

Ова е знак дека во врската има насобрана тензија која само бара вентил за да експлодира.

„Генерал и војник кога едниот ги зграпчува упатствата како воена мапа и почнува да командува: „Дај ми го ова! Не, ова, помалото! Држи тука!“

Ако другиот ја прифати улогата со олеснување – одлично, компатибилни сте. Но, ако рамнотежата на моќта е нарушена, проектот брзо се претвора во битка за независност.

„Симултан превод“: Ова е златниот стандард. Кога наместо „Пак згреши!“, ќе кажете: „Упс, мислам дека го скокнавме чекор број 4 – ајде да се вратиме“.

3. Егото не се вплеткува меѓу вас

Не е важно дали сте успешен менаџер, софтверски инженер или професор – кога се соочуваме со сложената шема на гардеробер, сите сме еднакви и подеднакво збунети.

ИКЕА е брутален егокршач. Кога еден маж и жена се подготвени да признаат: „Добро, немам поим како функционира ова, ајде да го разбереме заедно“, преминуваат од режим „Јас знам најдобро“ во режим „Ние сме партнери“.

4. Хормоналниот коктел на успехот

Кога, по три часа борба, две преместени штици на креветот и четири изгубени шрафа, склопениот мебел конечно цврсто стои во собата, мозокот ослободува огромна количина допамин (хормонот на награда) и окситоцин (хормонот на поврзување).

Овој заеднички триумф умот го складира како: „Успеавме. Заедно сме посилни.“

Паа ко се прашувате дали ова е љубовта на вашииот живот – не чекајте судбината да ви испрати знак. Купете масичка за кафе на делови, склопете ја и видете што ќе се случи.

Ако се најдете себеси пред уредно составено парче мебел на полноќ, честитки – подготвени сте речиси за сите животни предизвици што ќе ви се најдат на патот.

Ако заедно решите дека ова едноставно не е за вас – во ред е. Но, ако секој седи во својот агол и тврдоглаво се обидува да ги спои парчињата сам, не е на арно.

Социолозите ја сфаќаат темата сериозно:

Студија на американскиот гигант за истражување на пазарот Уанпол (OnePoll) открива дека над 50% од паровите се караат сериозно околу мебелот.

Според студиите за брачната динамика објавени во Журнал оф фемили сајколоџи (Journal of Family Psychology), паровите кои развиваат силни вештини за „соработка при решавање проблеми со низок стрес“ (како што е откривањето каде се наоѓа нештото наречено хексагонален клуч) имаат 40% помал ризик од развод на долг рок.

Познатиот истражувач на врски, д-р Џон Готман, посочува на важните „обиди за поправка“ – малите зборови или гестови што парот ги користи за да спречи ескалација на расправијата пред таа да прерасне во нешто неубаво.

При склопување мебел, овие обиди изгледаат вака: шегување околу непотребните детали, неочекуван бакнеж по челото на нервозниот партнер или едноставно идеја: „Пауза од пет минути! Ајде да се напиеме кафе, па да пробаме повторно.“

Способноста да се воздржите од обвинувањата и да се насочите кон правење смешки е највисоката форма на емоционална интелигенција во врската.

Ако можете да научите да комуницирате вака во врска со фиокарот за спалната, официјално сте ја превеле вашата врска на јазик на разбирање.

И ниедни завртки што ви фалат нема да можат да ве разделат!

Произлегува дека љубовта не се мери по бројот на дадени рози, туку по способноста да си го подадете хексагоналниот клуч без да го претворите во оружје.

ПредходнаСиљановска-Давкова: Ако не решиме да раскрстиме со партизацијата и политизацијата ќе се вртиме само во круг
СледнаФестивали.мк: Од 25 до 27 јуни бидете во Охрид на вино и музика