Европратениците го одбија амандманот на известувачот Томас Вајц, се бараат „јасни и опипливи резултати“ од историската комисија
Со 411 гласа „за“ 120 против и 120 воздржани, Европскиот парламент го изгласа извештајот за напредокот на Македонија. Европратениците во Стразбур го усвоија извештајот, но го отфрлија обидот за бришење на ставот 73, со што останува барањето историската комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“, како и терминот „заедничка историја“. Извештајот ја потврдува и обврската за уставни измени како услов за следните чекори во евроинтеграциите, но известувачот за земјава Томас Вајц ја повика Европската Унија да ги испорача ветувањата кон Македонија
Европратениците, денеска, на пленарна седница во Стразбур, го одобрија извештајот за напредокот на Македонија, но го отфрлија третиот амандман, предложен од известувачот Томас Вајц, со кој требаше да се избрише ставот 73 од идната резолуција. Резолуцијата беше поддржана од 411 европратеници, додека 120 гласаа „против“, додека обидот за отстранување на третиот амандман од текстот доби поддршка од 126 европратеници, а 338 гласаа за негово задржување.
Параграфот 73 е значаен бидејќи во него се повикува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања да постигне „јасни и опипливи резултати“, при што својата работа да ја заснова на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“ согласно со Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија. Во текстот е присутен и поимот „заедничка историја“.
Во извештајот се укажува дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски во однос на уставните измени, при што се потсетува на ставот на Советот на Европската Унија дека нова меѓувладина конференција ќе биде одржана откако земјата ќе ги спроведе потребните измени во Уставот.
Во документот се наведува и ставот дека процесот на европска интеграција останува условен со конкретни чекори, меѓу кои клучно место заземаат уставните промени.
Извештајот констатира дека напредокот во одредени области останува ограничен, но истовремено ја истакнува стратешката улога на Коридорот 8 за регионалната поврзаност. Дополнително, се дава поддршка за реализација на прекуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, како дел од инфраструктурното поврзување. Се нагласи и потребата од доследно спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, како дел од обврските во процесот на приближување кон ЕУ.
Гласањето се одржа по жестока дебата за текстовите поврзани со спроведувањето на обврските на Македонија според преговарачката рамка со ЕУ. Ден претходно, бугарските европратеници за време на расправата во ЕП ја нападнаа Македонија дека ги крши човековите права на Бугарите. Тие го искористија случајот со запалените возила. Вистински говор на омраза се ширеше од говорницата во ЕП, кога бугарската европратеничка Рада Лајкова порача дека во Македонија се зборува бугарски дијалект и дека најголемиот дел од населението во земјава има бугарско потекло.
Известувачите на Европскиот парламент за петте земји од Западен Балкан, вчера, ги презентираа извештаите на пленарната сесија, а во дебатата учествуваше и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос. Известувачот за Македонија, Томас Вајц, рече дека регионот на Западен Балкан бил и продолжува да биде „поле за играње на странските сили“ и потсети на разорните етнички војни што го зафатија регионот во 1990-тите. Вајц нагласи дека постојат две земји кои избегнале масовно насилство, имено, водечкиот кандидат за пристапување, Црна Гора, и другата, Македонија, која исто така би можела да биде меѓу водечките земји во процесот на пристапување.
– Да, можеме да кажеме дека земјата не ги спроведе реформите што е можно побрзо, но исто така мора да признаеме дека ние во ЕУ дадовме ветувања што не ги исполнивме, рече Вајц.
Тој нагласи дека земјите, вклучително и Македонија, имаат волја да ги спроведат потребните реформи и дека ова треба да се награди, на пример преку делумна интеграција на пазарот, делумна интеграција во однос на роамингот, преку Единствената европска платежна зона, со цел да се одржи мотивацијата.
Вајц нагласи дека пристапувањето на земјите од Западен Балкан носи безбедносна и економска вредност за Европската Унија, како и голем број други придобивки. Тој рече дека по Црна Гора и Албанија, Македонија би можела да биде следната земја што ќе се приклучи на ЕУ.
Според австрискиот европарламентарец, целта е да не се изгуби мотивацијата во земјава, додавајќи дека лично верува оти прашањата за идентитетот го растргнале регионот на Западен Балкан.
Вајц порача дека Европската Унија не бара усогласување на историските учебници ниту оспорување на националните идентитети како услов за европска интеграција. Според него, меѓусебното почитување меѓу соседните држави е темел на соработката и на добрососедските односи.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, порача дека е време за интеграција на земјите од Западен Балкан со цел некако да се исправат грешките направени во минатото, кога околностите беа поинакви. Кос нагласи дека она што е сигурно е дека нема кратенки и дека процесот на интеграција се базира на заслуги.




