Ќе има промени и нема да толерирам занес во привилегиите што ги нуди власта, рече вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски од Струмица каде партијата слави 36 години постоење.
– Кога станува збор за Владата, многу прецизно го детектирам и следам феноменот што дел од ешалоните скршнуваат од она што треба да биде кодекс на однесување и принципи на Владата. Очигледно има и такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот. Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме, рече Мицкоски.

Порача дека не прифаќа оправдувања од ниту еден именуван функционер дека е уморен и дека оние што се чувствуваат изморени чесно е да ја напуштат функцијата.
– Ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец, нагласи Мицкоски.
За опозицијата рече дека не се трка со неа бидејќи тоа е единствената опозиција која не сака избори.
– Кога ќе се спомнат избори, ги фаќа уплав. Држат прес-конференции, лажат, манипулираат. Се претворија во аналитика на Бирото за јавни набавки… Јас сега ќе работам на реконструкцијата на Владата, но од опозицијата треба да внимаваат што изјавуваат во однос на изборите, затоа што може и да им се оствари она што декларативно го зборуваат. Кога го гледам овој народ овде, пораката е јасна: ние сме подготвени. Подготвени сме за секое сценарио, рече Мицкоски.




