На сцената на Турскиот театар вечерва премиерно ќе биде изведена претставата „Интервју“, по текст на Онур Озџан, во режија на Александра Кардалевска.
Во претставата играат Хакан Даци, Џенап Самет, Слаѓана Вујошевиќ и Јеткин Сезаир. Сценографијата и костимографијата се дело на Онур Озџан.

„Интервју“ е современа психолошка драма која низ навидум обично интервју за вработување постепено отвора прашања за моќта, манипулацијата, амбицијата и цената што луѓето се подготвени да ја платат за успех. Она што започнува како формална процедура, се претвора во напната игра на откривање, во која границите меѓу вистината и конструкцијата, меѓу професионалниот и личниот идентитет, стануваат сѐ понејасни.
Претставата навлегува во светот на современиот човек, опседнат со позиции и признанија, поставувајќи го прашањето колку далеку сме подготвени да одиме за да го добиеме она
што го посакуваме.




