Македонија влегува под влијание на топол воздушен бран со потекло од Африка кој денеска и за време на викендот ќе донесе значително повисоки температури во сите краишта на земјата.

Утрово времето беше ведро и релативно топло со умерена локална облачност и слаб северен ветер, при што минималната температура од 8 степени е измерена во Берово.
Во Скопје, на мерните станици Зајчев Рид и Петровец, утринската температура достигна 19 степени.
Според синоптичарите, во следните два дена температурите ќе се движат во интервал од 27 до 35 степени, а во Повардарието и во југоисточните предели се очекува да надминат 35 степени.
Во Скопје и околината максималната дневна температура викендов ќе се искачи до околу 34 степени.
И покрај екстремните горештини, во попладневните часови, особено во планинските предели, ќе има услови за локален развој на нестабилност проследена со пороен дожд и грмежи.
Метеоролозите предупредуваат и на можна појава на засилен ветер, како и услови за краткотрајно невреме со град.




