Се очекува претставници на САД и Иран денес во Швајцарија да започнат технички разговори за спроведување на договорот постигнат оваа недела за прекин на војната на Блискиот Исток. Договорот се соочи со голем тест поради континуираните израелски напади врз Либан, што го натера Техеран да објави повторно затворање на Ормутскиот теснец.

САД и Иран постигнаа договор претходно оваа недела по долги преговори за ставање крај на војната што САД и Израел ја започнаа со напади врз Иран кон крајот на февруари. Се очекува преговорите да го финализираат нејзиното спроведување и да постигнат конечен договор во текот на следните 60 дена, вклучително и за нуклеарната програма на Иран.
Разговорите првично требаше да започнат во петок, но беа одложени. Пакистан, кој посредува меѓу двете страни, во саботата објави дека тие ќе започнат денес во Биргеншток, Швајцарија. Се очекува да бидат присутни и пакистански и катарски медијатори.
Венс и Иранците пристигнаа во Швајцарија, започнуваат преговорите
Техеран го потврди заминувањето на своите преговарачи во Швајцарија, нагласувајќи ја важноста од што е можно поскоро спроведување на договорот. Се очекува во делегацијата да бидат главниот преговарач Мохамед Багер Галибаф и министерот за надворешни работи Абас Аргчи.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и неговиот зет Џаред Кушнер веќе се во Швајцарија, потврди американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, кој додаде дека тие ја надгледуваат техничката страна од разговорите. 
Договорот беше потресен од обновените израелски напади во јужен Либан, за кои вели дека се одговор на нападите од страна на шиитското движење Хезболах. Техеран вели дека ова е кршење на договорот за завршување на војната, кој го вклучува и Либан, а за кој се одговорни САД. Како одговор, Техеран во саботата објави дека повторно ќе го затвори клучниот Ормутски теснец.




