Македонски државјанин е главен осомничен за убиството на 45-годишна жена во близина на Ханија, на грчкиот остров Крит, и, според информациите, го признал делото. Жената, која била сопственичка на станот во кој тој живеел како потстанар, исчезнала на 30 мај, а нејзиното тело било пронајдено утрово, објави „Прототема“.

Четириесет и тригодишниот македонски државјанин, кој ја изнајмувал нејзината куќа, го признал убиството на Ставрула Левендаки. По злосторството, тој го закопал телото на жената во нива, на околу пет километри од куќата.
Потстанарот тврдел дека се скарал со жената зашто предизвикал штета во куќата. Според неговото тврдење, за време на расправијата ја нападнал и ја убил. Потоа го ставил телото во вреќа и со својот автомобил го однел до местото каде што го закопал.
Полицијата, сепак, со резерва го разгледува неговото објаснување за причината за расправијата и ја истражува и можноста мотивот за злосторството да бил можеби сексуален или материјална корист.




