Москва очекува победа, а не спроведување на договорите постигнати за украинското прашање на минатогодишниот самит во Алјаска.
Ова го изјави во недела советникот на рускиот претседател Владимир Путин, Јуриј Ушаков, за руската провладина телевизиска станица „Вести“.
Тој изјави дека Москва е фокусирана на остварување на сопствените цели и нагласи дека ставот на Русија останува непроменет и се темели на претходно утврдени принципи.
„Не очекуваме овие аранжмани или договори да бидат исполнети; очекуваме победа. Очекуваме остварување на нашите сопствени цели “, рече Јуриј Ушаков.
Тој, исто така, изјави дека само едната страна ги почитува договорите, додека другата покажа дека „не е сосема способна да го исполни својот дел од задачата“.
Западните земји грешат верувајќи дека Русија може да биде поразена, тврди тој, додавајќи дека настаните на бојното поле во војната меѓу Русија и Украина докажуваат спротивното.
„Тие си играат свои игри чија цел е на крајот да нè поразат; сите го велат тоа“, рече тој.
„Сега се уверени дека се во право затоа што веројатно мислат дека ова е време кога можат поенергично да ги наметнат своите штетни и неконструктивни ставови.“
Според Ушаков, проценката на ситуацијата бара внимателно следење на настаните на фронтовската линија , каде што, според него, руските сили „напредуваат постепено и стабилно“.





