дома Македонија Се крчка владината реконструкција, имињата познати до крајот на неделава

Се крчка владината реконструкција, имињата познати до крајот на неделава

До крајот на неделава, според најавите, треба да биде заокружена реконструкцијата на Владата. Покрај имиња, не е исклучено да има и промена на ресорите. Ваква најава дојде од првиот човек на Владата Христијан Мицкоски, но и од вицепремиерот и министер за европски прашања од редовите на Влен, Беким Сали.

Мицкоски вчера откри дека следува уште една рунда на разговори со коалициските партнери по што очекува финализација за викендот кога ќе бидат познати имињата.

– Оваа недела повторно ќе имаме средби. Очекувам тие да бидат завршени, а во текот на викендот да се формализира сето тоа и со имиња и со останати специфики. Инаку, да постои опција и за промена на ресори. Разговарано е и за тоа, рече Мицкоски.

Вицепремиерот Беким Сали во телевизиско интервју откри дека здравството и европски прашања се дел од разговорите за владината реконструкција.

– За повеќе ресори се зборува дека може да има промени, вклучувајќи ги здравство и европски прашања и останатите министерства што моментално ги управуваме ние како Влен. Значи, не сме фиксирани на одредена позиција за да кажеме – тука мора да останеме. Секако, тоа е врз основа на резултати што се покажани во изминатиов период. Две години се сосема доволни да се покаже дали одредено име или одредена политичка партија има внатрешни капацитети да управува и да ја оправда довербата што е дадена на таа структура, рече Сали за емисијата „360 степени“.

Сали не негира, ниту потврдува дали би можел од секторот евроинтеграции да се врати повторно во министерката фотелја во здравство.

За секторот правда кој сега му припаѓа на ЗНАМ, а јавна тајна е дека ќе има промени, Сали вели дека очекувано е таму да има промени.

Вели дека Влен би сакал да го задржи секторот социјала каде сигурно ќе има промена откако актуелниот министер Фатмир Лимани се разиде со својата матична партија Беса.

Здравство и европски прашања – дел од преговорите за владината реконструкција, во Правда доаѓа нов кадар

Засега, е сигурно дека едно име нема да ги има во новиот предлог состав на Владата – Арбен Фатеи кој даде оставка од вицепремиерското место за добро владеење.

ПредходнаЗа прв пат од 2009 година, акциите на „Газпром“ паднаа под 100 рубли
СледнаГенерација Z во Британија: Брегзит можеше да успее, но политичарите го уништија