дома Свет Балкан Вучиќ ги повика поддржувачите на митинг во Белград на 27 јуни како...

Вучиќ ги повика поддржувачите на митинг во Белград на 27 јуни како противтежа на кампањата на студентите

Во видео порака на Инстаграм, Вучиќ наведе некои од темите што беа понудени – „поголема грижа за луѓето, зачувување на мирот и стабилноста, борба за зачувување на Косово и Метохија, подобрување на здравствените услуги, подобро образование, раст на пензиите, намалување на цените на лековите, енергетска безбедност, поголеми инвестиции во културата, екологијата…“, пренесува ХИНА.

Во исто време, тој најави дека следната недела ќе биде отворен портал наменет за жалби на граѓаните за арогантно однесување на службениците – од ниво на локална самоуправа до највисоките државни службеници.

Вучиќ оцени дека „нервозата е голема кај оние кои се обидоа да ја соборат и уништат државата“. „Нашата работа е само да го одржиме мирот и да покажеме трпение“, рече тој.

Тој нагласи дека „на крајот, секоја вистина е позната“ и дека „вистината секогаш победува“.

Тој им се заблагодари на граѓаните „за нивната огромна поддршка“. 

„Ви благодарам што дојдовте на платото пред Народното собрание на 27 јуни. Ви благодарам за целата љубов и поддршка. И како што знаете – вистината и Србија секогаш победуваат“, рече српскиот претседател.

Повикот на Вучиќ до поддржувачите и гласачите на владејачката Српска напредна партија (СНС) на 27 јуни беше проследен со предупредувања и пораки од синдикатот дека со притисок врз вработените во многу компании, особено во јавниот сектор, се обидуваат да обезбедат што е можно поголемо масовно собирање.

Опозицијата, студентското движење и невладините организации го гледаат ова собирање на лојалистите на Вучиќ како обид за противтежа на кампањата „Студентите победуваат“ на студентското движење и масовниот протест на 23 мај.

Организацијата „Архиви на јавни собири“ процени дека во тоа време се собрале помеѓу 180.000 и 190.000 луѓе, додека – според официјалната проценка на полицијата – имало околу 34.300 од нив.

Масовните антивладини протести во Србија започнаа кон крајот на 2024 година, предизвикани од смртта на 16 лица при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември и јавните барања за одговорност од властите. 

Студентското движење на листата барања за борба против корупцијата и демократизација на општеството го додаде и распишувањето предвремени парламентарни избори, кои владата одбива да ги прифати, иако Вучиќ досега неколку пати ги најави, но не прецизираше кога ќе ги распише. 

ПредходнаВозовите во Германија повторно сообраќаат
СледнаФранција собори 339 температурни рекорди на најтоплиот ден откако се бележат мерења