Американската поп-ѕвезда Мадона ја пресели својата база од Њујорк во Лондон, каде што сега живее со своите посвоени ќерки близначки Стела и Естер, објавија британските медиуми.

Во интервју за списанието Интервју, Мадона, која поседува имоти во Њујорк, Хемптонс, Лос Анџелес и Португалија, изјави дека се преселила во британската престолнина за поинтензивна соработка со музичарот и продуцент Стјуарт Прајс.
„Се преселив тука затоа што сакав да работам со Стјуарт постојано, а да не морам постојано да патувам напред-назад“, рече пејачката.
Таа исто така изјави дека нејзиното семејство го следи фудбалот и се навивачи на фудбалскиот клуб Челзи.
„Ние го сакаме фудбалот во оваа куќа. Ние го поддржуваме Челзи и многу е полесно да се оди на натпревари ако живеете во Лондон“, додаде таа.
Ќерките на Мадона, кои имаат 13 години, се големи фудбалски навивачи и моментално играат за женската академија на Тотенхем Хотспур до 14 години.
Мадона живее во својата куќа со 10 спални соби во лондонската населба Мерилебон, северно од Хајд Парк.Прво ја купила куќата на Грејт Камберленд Плејс за време на бракот со нејзиниот поранешен сопруг, режисерот Гај Ричи, во 2000 година, а потоа во 2007 година го купила имотот веднаш до неа и го претворила во мега-стан што го задржала по нивниот развод една година подоцна.
Зборувајќи за животот во Лондон, Мадона ја пофалила уметничката и културната сцена во Велика Британија, како и крајбрежниот град Маргејт, кој го опишала како место полно со креативност.
Пејачката претходно поминала подолги периоди во Велика Британија, каде што живеела за време на бракот со Ричи, и постојано повторувала дека ја смета Англија за свој дом.
Со текот на годините, Мадона почнала да се жали на локалната работна култура, велејќи дека работниците земаат „државни празници секоја минута“ и барале недели платен одмор, како и на болниците на Националната здравствена служба (NHS), опишувајќи ги како „стари и викторијански“.
Исто така, не ѝ се допаѓал нејзиниот британски прекар.
„Тоа е една од причините зошто ја напуштив Англија – за да не морам повеќе да го слушам зборот „Маџ““, рече таа.
Сепак, кога се врати во Њујорк по разводот во 2008 година, таа призна дека ѝ недостига Велика Британија.




