дома Култура Почина Јован Павловски

Почина Јован Павловски

На 89-годишна возраст почина Јован Павловски, македонски енциклопедист, поет, раскажувач, романописец, писател за најмладите, публицист и во три мандата претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

Павловски беше и долгогодишен уредник на повеќе рубрики во „Нова Македонија“, нејзин дописник од Париз и Москва.

Павловски е роден во Тетово, на 10 септември 1937 година. Од 1980 до 1986 г. е професор по теорија и практика на новинарството на Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1962 год, а во три мандати (1992-1994, 1994-1996, 2007-2008) негов претседател, како и член на Македонскиот ПЕН центар.

Автор е на педесетина (прво издание) книги. Носител е на Рациново признание, „Стале Попов“, награда на КПЗ на Македонија за најчитан автор во 1991 г. , награда на Радио Скопје за најдобра годинашна книга за најмлади (трипати), „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ за публицистика (двапати), „13 Ноември“ награда на град Скопје….

 

Шеесетгодишното присуство на Јован Павловски во македонската култура може да се појми преку трите негови доминантни области на создавање: литературата, во тие рамки прозата и поезијата, неговиот значаен ангажман како енциклопедист и неговата новинарска и публицистичка дејност.

Во македонската проза Јован Павловски влегува агресивно – неговиот дебитантски роман „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“ (награда „Рациново признание“) е определен како првиот македонски политички роман, за кој академик Георги Старделов ќе рече: „По појавата на романот ‘Тоа Радиовце’, македонската проза никогаш повеќе нема да биде таква каква што беше!“За „Радиовце“, веднаш по излегувањето на книгата, се јавува и академик Милан Ѓурчинов. Тој вели: „Исполнет со остар критичен набој, насочен кон бездушноста на општеството кон своите некогашни јунаци и градители, романот ‘Тоа Радиовце…’ се разликува од еднонасочните визури на т.н. политички роман“.

 

Култниот роман на Јован Павловски „Сок од простата“, веднаш по појавувањето во 1990 година, ги разбранува литературните и културните води во Македонија. Во една од првите реакции на изданието, Миодраг Друговац за „Сок од простата“ напиша дека тоа е „едно од најоригиналните дела на македонската и југословенската литература, скапоцен алем-камен во мозаикот на нејзините вредности. Тоа е еротичко дело што фасцинира!“ Петар Т. Бошковски подвлекува дека „романот [„Сок од простата“] на рамниште на модерен жанр, на главна врата ја внесува еротиката во современата македонска литература, ја внесува со достоинство на комплетно остварување, кое ја има енергијата на неодоливата уметничка мотивираност и инспирација, и кое носи печат на авторска оригиналност“ Впрочем, на одобрувањето на критиката ѝ се придружија и читателите: „Сок од простата„ беше најчитана книга во времето на нејзиното објавување, беше прогласена за најчитана книга во Србија, а до денес има седум изданија на македонски јазик, како и редица преводи на други јазици. Реномираната „Хрватската енциклопедија“ на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ од Загреб, „Сок од простата“ го определува како првиот македонски еротски постмодернистички роман: „Јован Павловски е тематски преокупиран со личното и колективното (национално) постоење, идентитетот и ентитетот во минатото, сегашноста и иднината, односот на животот и смртта, сексуалноста и еросот.Неговата контемплативна и самореференциска поезија се карактеризира со тематска иновација и организирани збирки.Во романите, тој е склон кон документарност, натуралистички описи, цитати и ликови на несубверзивни губитници. „Сок од простата“ е првиот македонски постмодернистички еротски роман.“.

ПредходнаРасте надворешниот долг на земјава, зголемен за 742 милиони евра
Следна17 илјади помалку ученици во последните седум години