Сите пензионери изгубија пари со линеарното покачување на ВМРО и Мицкоски, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конферениција. Тој посочи дека со линеарното зголемување на пензиите што го спроведе ВМРО, им се нанесе директна финансиска штета на сите пензионери во државата, и дополнително им се уништи животниот стандард на пензионерите. Тој појасни дека доколку останеше методологијата воведена од Владата на СДСМ, пензионерите ќе добија поголеми покачувања.
„Со последните линеарни зголемувања на пензиите во септември 2025 година и во март 2026 година од по 1.000 денари, 345.323 пензионери, значи вкупниот број на пензионери, сите во државата изгубија пари, односно беа украдени од оваа власт. Зошто? Поради тоа што доколку останеше методологијата која што ја воведе Владата на СДСМ, пензионерите ќе добиеја многу повеќе пари. Или многу прецизно. Во септември 2025 година пензионерите со најниска пензија би добиле 1.280 денари, а пензионерите со пензија во највисоката група на примања би добиле помеѓу 1.550 и 3.100 денари, во просек околу 2.000 денари“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конферениција нагласи дека изјавите на Мицкоски за вториот пензиски столб отворија сериозна загриженост кај граѓаните кои со години издвојуваат средства за својата пензиска иднина.
Филипче, предупреди дека контрадикторните ставови на премиерот создаваат неизвесност и страв кај и побара власта да одговори дали е загрозен Вториот пензиски столб и дали поради немање пари во буџетот ќе се трошат заштедите.
„Многу луѓе се исплашени и загрижени од изјавата на премиерот во која тој изјави дека многу луѓе ќе бидат разочарани од тоа што ќе донесе Вториот пензиски столб. Тој дури изјави дека му било и жал што воопшто столбот бил воведен. Мицкоски во 2024 година рече дека пензискиот систем е стабилен и дека дупката во Фондот за пензиско осигурување ќе постои сè додека вториот столб не почне посилно да исплаќа пензии, а сега кажува дека не знае што ќе донесе, што ќе донесат резултатите од уплатите во вториот пензиски столб“, рече Филипче.
Претеседателот на СДСМ, посочи дека ваквите изјави дополнително ги вознемируваат граѓаните кои своите средства ги уплаќаат во вториот пензиски столб со очекување дека тие ќе им обезбедат сигурност во пензионерските денови.
„Граѓаните ко ишто ги уплаќаат парите таму, сега се во една голема неизвесност и се поставува прашањето дали премиерот има намера преку државните механизми да интервенира во тој буџет во кој што луѓето си уплаќаат за да имаат доволно пари за деновите, годините во пензија и на тој начин да го оштети. Значи луѓето се исплашени дали воопшто сега ќе ги добијат тие пари назад и што точно се крие зад изјавата на премиерот“, рече Филипче.
Тој додаде дека наместо сигурност и грижа за пензионерите и идните пензионери, власта испраќа пораки што ја поткопуваат довербата во системот и внесуваат дополнителна несигурност кај граѓаните.
„Тоа е уште еден многу тежок удар врз граѓаните. Дали воопшто оваа власт и премиерот се грижат за оваа категорија на граѓани и дали ќе си дозволат да им ја одземат надежта на луѓето дека ќе имаат мирни пензионерски години. Сите овие политики, лажни ветувања, префрлање на товарот врз обичниот граѓанин е огромна штета којашто се нанесува врз стотици илјади пензионери“, рече Филипче.





