дома Култура 65.Струшки вечери на поезијата: Јазикот се чува , а поетскиот збор не...

65.Струшки вечери на поезијата: Јазикот се чува , а поетскиот збор не обединува

Со стиховите на „Т’га за југ“ од Константин Миладинов и палењето на фестивалскиот оган во Струга беа свечено отворени 65. Струшки вечери на поезијата (СВП). Фестивалот, чија годинешна лауреатка на Златниот венец е холандската поетеса Анеке Брасинга, ги обединува најзначајните поетски имиња од светот, испрати порака за моќта на зборот да ги надмине границите, разликите и времето. Во присуство на поети, книжевници, дипломати и љубители на литературата, беше нагласено дека Струга останува место на духовно поврзување меѓу народите и дом во кој поезијата продолжува да живее и да обединува.

ЈАЗИКОТ СЕ ЧУВА СО ГОВОРЕЊЕ И ТВОРЕЊЕ – ОТВОРЕНИ 65. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТАГодинешна лауреатка на Златниот венец е холандската поетеса Анеке Брасинга. (Фото: СВП)

„Навистина бев трогната од вниманието. Јас сум првиот холандски поет што ја добива оваа награда и тоа ми претставува голема чест, а со тоа ѝ се оддава признание и на холандската поезија. Многу поети од други култури се преведени на холандски јазик, Данте, Шекспир, Чехов. Како мала јазична заедница, ние отсекогаш сме се хранеле со она што се создава на другите јазици. Таквата размена носи една космополитска слобода“, рече лауреатката Брасинга .

Таа кажа дека поетските фестивали, како што се Струшките вечери на поезијата, имаат одек што трае долго и по нивното завршување.

„Секој израз, секој показател на нашата свест како човечки суштества на универзалниот јазик е неопходна за опстанокот на цивилизацијата. Дел од мојата поезија е преведен на вашиот јазик и ќе биде објавен овде, во Македонија, што ме исполнува со голема радост и благодарност, бидејќи претставува природен развој на еден поетски простор. Поезијата е храна за душата“, рече Брасинга.

Прашана пред новинарите, за влијанието на вештачката интелигенција врз поезијата и преведувањето, лауреатката не го криеше својот скептицизам, оценувајќи дека суштината на поезијата е во живиот однос кон јазикот и во играта со зборовите, нешто што, според неа, машините не можат да го заменат.

„Кога пишувам и преведувам, гледам како одредени зборови биле употребувани и преведувани уште во 18 век. Само така може да се одмери и правилно да се употреби еден збор. Вештачката интелигенција е само начин на форматирање, како недопечен леб, затоа што ви ја одзема играта, онаа игра преку која го учите и го чувствувате јазикот. Јас сум многу старомодна, не возам ни автомобил, па за мене е неверојатно колку галама се крева околу тоа“, рече 78-годишната Брасинга.

Таа откри дека една од нејзините книги била преведена со помош на ЧетГПТ, но дека резултатот, според неа, бил незадоволителен.

„Видов што е направено и тоа беше полно со глупости. Се надевам дека сето тоа ќе исчезне“, рече Брасинга.

Годинашното издание, кое се одржува во нов термин наместо како што е долгогодишна пракса во втората половина на август, е подигнато на повисоко организациско ниво, ќе трае ден подолго од претходните години и го враќа форматот на професионален фестивал. Програмата опфаќа бројни меѓународни поетски читања, промоции на 14 изданија на Националната установа Струшки вечери на поезијата, средби со издавачи и литературни агенти, како и традиционалните манифестации „Ноќи без интерпункција“ и „Матине“.

Покрај лауреатката Анеке Брасинга, годинашното издание ќе го одбележи и присуството на британскиот поет Даниел Хајндс, добитник на наградата „Мостови на Струга“.

На јубилејното 65. издание на СВП, кое годинава се одржува под мотото „Каде што живее поезијата“ , учествуваат околу 70 поети, книжевни критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и од странство. Покрај добитничката на Златниот венец Брасинга, и лауреатот на наградата „Мостови на Струга“, британскиот поет Даниел Хајндс, во фестивалската програма се вклучени и истакнати автори од Македонија, Грција, Турција, Мексико, Шпанија, Кина, Италија, Монголија и од други земји, потврдувајќи го меѓународниот карактер и углед на оваа значајна поетска манифестација.

 

ПредходнаОтворени Струшките вечери на поезијата
СледнаСАД ја продолжија вонредната состојба и закани од Западен Балкан и Македонија