Западна Европа останува зафатена од невиден топлотен бран кој веќе одзеде десетици животи, го прекина снабдувањето со електрична енергија, доведе до затворање на училишта, туристички места и културни знаменитости, а метеоролозите предупредуваат дека екстремните температури ќе продолжат барем до крајот на неделата, објави Ројтерс.

Велика Британија постави нов рекорд за највисока температура во јуни, кога јужна Англија измери 36,1 степени Целзиусови. Во Франција , термометрите во Париз достигнаа рекорд во јуни од 40,9 степени, еден ден откако земјата го забележа својот најтопол ден досега со температура од 44,3 степени на југозапад.
Италијанските власти издадоа највисоко ниво на предупредување за 16 големи градови, вклучувајќи ги Рим, Милано, Фиренца, Торино и Верона, очекувајќи жештините да достигнат врв во текот на викендот.
Франција пријави најмалку 48 смртни случаи од давење откако луѓе побарале засолниште во водни површини од жештината. Две мали деца починаа откако биле оставени во автомобил на високите температури. Во Шпанија, двајца возрасни починаа од топлотен удар по денови на температури над 40 степени Целзиусови.
Топлотниот бран предизвика големи прекини во транспортот. Во Велика Британија, воведени се ограничувања на брзината на железничката мрежа, откажани се возовите, а стотици училишта ги затворија или скратија часовите. Слични мерки се преземени и во Холандија, каде што се откажани спортски настани на отворено, ограничен е јавниот превоз, а училиштата се затворени.
Екстремните температури влијаеја и врз туристичкиот сектор. Ајфеловата кула и Лувр во Париз се затворија порано од вообичаеното, церемонијата за смена на стражата во Бакингемската палата беше скратена, а галеријата Уфици во Фиренца привремено ја прекина продажбата на билети поради дефект на системот за климатизација. За време на Неделата на модата во Париз, водечките модни куќи го променија времето на своите ревии за да ги избегнат најжешките делови од денот.
Во Швајцарија, локалните власти отворија климатизирани кина за бесплатни проекции во текот на денот , а во голем број европски земји, градежните компании го променија работното време, преместувајќи го работењето во раните утрински или ноќните часови.
Метеоролозите велат дека топлотниот бран е предизвикан од атмосферски феномен познат како „Омега блок“ кој го заробува топлиот воздух над Западна Европа подолг период. На места, температурите се до 18 степени над нормалата.
Француската метеоролошка служба ја споредува моменталната ситуација со катастрофалниот топлотен бран од август 2003 година, кој траеше 16 дена и доведе до околу 80.000 дополнителни смртни случаи во Европа . Според Светската метеоролошка организација, Европа се затоплува повеќе од двојно побрзо од глобалниот просек, зголемувајќи ја веројатноста за сè подолги и интензивни топлотни бранови.




