Вкупно 120.000 сообраќајни прекршоци се регистрирани преку системот „Безбеден град“ во периодот од 2 февруари до 22 јуни 2026 година. Најголемиот дел од нив, односно над 95 проценти, се за пречекорување на брзината.
Ова го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во својот последен отчет, нагласувајќи дека новата технологија веќе придонела за намалување на бројот на загинати во сообраќајот за 40 отсто. Наместо 55 жртви лани, во истиот период годинава се регистрирани 33 починати лица.
Тошковски ја објасни имплементацијата на овој долгонајавуван проект:
„Безбеден град” беше проект за кој со години само се зборуваше. Ние го реализиравме. Опфати модернизација на постојниот систем во Скопје, Тетово, Куманово, коридорите 8 и 10 и негово проширување на национално ниво, преку воведување современи технологии за видео надзор и автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци. Особено значајни се првичните резултати од функционирањето на системот. Од почетокот на неговата примена, на 2 февруари 2026 година, во првите пет месеци е забележано намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди за 40 проценти, односно 33 загинати лица, наспроти 55 во истиот период од претходната година. До 22 јуни 2026 година, преку системот се регистрирани над 120.000 сообраќајни прекршоци, од кои повеќе од 95 проценти се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина“
Во моментов системот опфаќа модернизација во Скопје, Тетово, Куманово, како и на коридорите 8 и 10.
Според предвидената динамика, до крајот на оваа година „Безбеден град“ ќе се прошири на национално ниво и ќе ги опфати сите поголеми градови и главни патни правци во земјата.




