Портокалово предупредување за екстремна топлина е продолжено до недела наутро, објави денес британската метеоролошка служба Мет Офис, за да ја опфати „последната топла и влажна ноќ од топлотниот бран што заминува“.

Предупредувањето се однесува на Лондон и југоисточна Англија, Источна Англија и делови од Источен Мидлендс, објавува Скај њуз.
Портокаловото предупредување, кое првично требаше да важи до вечерва, сега ќе важи до 9 часот наутро утре.
Денес е малку посвежо од претходниот ден, кога беше активирано црвеното предупредување, но температурите околу 30 степени Целзиусови сè уште се очекуваат во областите опфатени со предупредувањето.
Пристигнувањето на постуден воздух предизвика грмотевици во некои делови од земјата.
Противпожарната служба на Источен Сасекс соопшти дека реагирала на два пожари во куќи во текот на ноќта за кои се верува дека се предизвикани од гром.
Првиот повик бил пристигнат веднаш по полноќ за пожар на покрив во куќа на Селместон Авенју, Истборн.
Сличен инцидент беше пријавен околу 15 минути подоцна на Лонг Авенју, Бексил.
Противпожарната и спасувачка служба на Источен Сасекс соопшти дека нема пријавени повредени, но двата имота се сериозно оштетени.
Полицијата од Шропшир соопшти утрово дека го пронашла телото на 22-годишниот Броди Лич.
Последен пат бил виден во петок откако сведоци пријавиле дека се бори во реката Северн во Шрусбери.
Броди е формално идентификуван од членови на семејството, а неговите најблиски роднини се информирани.
Најмалку уште две лица починаа во инциденти поврзани со давење во последните денови, додека најмалку 15 лица починаа за време на мајскиот топлотен бран.
Британската Кралска национална институција за спасување чамци (RNLI) ги предупреди луѓето да бидат внимателни на шок од студена вода, бидејќи морињата и реките можат да бидат значително постудени од температурата на воздухот, што може да предизвика паника, тешкотии при дишењето и проблеми со пливањето.
Стапката на пополнетост на хотелите во Велика Британија, исто така, се зголеми во изминатата недела, една од најжешките досега. Семејствата со мали деца, повеќето од нив новороденчиња, резервираа соби со климатизација за да избегаат од топлотниот бран.
Според податоците објавени од „Гардијан“, пребарувањата за сместување со терминот „клима уред“ се зголемија трипати минатата недела, при што хотелската индустрија заработи повеќе од 30% во споредба со истиот период минатата година.




