дома Македонија Политика Димитриевски: Во вторник ќе го имаме конечниот епилог за владината реконструкција

Димитриевски: Во вторник ќе го имаме конечниот епилог за владината реконструкција

Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, денеска изјави дека конечниот епилог околу најавената реконструкција на Владата ќе биде познат во вторник, нагласувајќи дека во моментот на маса се ставени многу идеи и опции.

Димитриевски појасни дека како владини партнери сè уште немаат постигнато конечен договор, но потенцираше дека по оваа реконструкција неговата партија ќе излезе кадровски зајакната.

Околу преговорите со коалициските партнери, првиот човек на ЗНАМ истакна:

„Ние како владини партнери, а слушам и ВЛЕН исто така, како третиот партнер во власта, сè уште немаме постигнато конечен договор. Јас можам да говорам исклучиво во името на ЗНАМ, неговите членови, поддржувачи и сите негови кадри. Но, од друга страна, секогаш е потребно да преземете дел и од одговорноста во власта. И едно можам со сигурност да потврдам – дека по оваа владина реконструкција, ЗНАМ ќе биде посилен и кадровски и со потенцијал и во дел на располагање на директна имплементација на власта во ресорни министерства и пониски ешалони на власта. Ги отфрлам сите шпекулации што доаѓаат првенствено од портали што се директно брифирани и за жал, некои од нив служат како апологети на опозицијата, којашто нè донесе во една тешка ваква социо-економски состојба во државата, а исто така и граѓаните. И велам – ајде да почекаме и да го видиме конечниот епилог“

Тој ги демантираше медиумските написи дека партијата би можела да изгуби одреден ресор, но потврди дека во политиката сите комбинаторики остануваат отворени до официјалниот договор.

Партиските пазарења за реконструкција на Влада е во тек, и отчет за сработеното

Лидерот на партијата се осврна и на односите со актуелните министри од неговите редови, порачувајќи:

„Многу понуди се на маса, ќе изброиме до три, а потоа ќе пресечеме и конечниот епилог ќе го имаме во вторник. А јас, инаку и со господинот Минчев и со господинот Филков и со сите луѓе со коишто заедно ја создадовме ЗНАМ, првенствено сме другари, лични пријатели и обединети околу една заедничка кауза, а тоа е Движењето ЗНАМ за наша Македонија, коешто е формирано од граѓаните и за граѓаните. Бидејќи нам, личниот и политичкиот интерес ни е многу помалку битен во однос на она што значи граѓански и општ интерес за сите. Не би сакал да ги коментирам шпекулациите во јавноста. Постојат многу медиуми што брифираат врз база на принципот „рекла-кажала“ и не би сакал да се спуштам на тоа ниво“

 

ПредходнаВМРО покажа тотална негрижа, откупот на земјоделски производи е намален за 46,2%
СледнаМакедонија и Албанија денеска потпишуваат договор за заеднички гранични премини