Останаа ли родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ сами? Тие вчера го одржаа 46. протестен марш испраќајќи порака дека ништо не може да ги поколеба да ја бараат правдата.
До последен момент ќе се бориме за вистината, порачаа тие.

На последното судско рочиште разочарани и револтни ја напуштија судницата оценувајќи дека се бега од суштината и наместо борба за вистината, центарот на вниманието се свртува кон бунт, реакција и заштита на обвинетите.
– Наместо правда пред законот дали е потребно да се вклучат странски организации и Стразбур. На последното рочиште не видовме борба за вистината, туку се уверивме колу лесно во судница, центарот на вниманието може да биде дозволен бунт, реакција и заштита на обвинетите од вистината. Дали ова ќе се применува и откако обвинетите ќе ги изведуваат своите докази и на нас оштетените ќе ни дозволи судот да се отргнува вниманието од суштината и од нивната теза, прашаа вчера родителите на загинатите.
Тие реагираат и на барањето на одбраната да се изземе од случајот обвинителката Наташа Сарамандова за што одлука треба да донесе државниот јавен обвинител Ненад Савевски.
– Напуштањето на судницата од страна на оштетените е поддршка на обвинителката Наташа Сарамандова и на целото обвинителство што го води овој случај. Ние нема да се откажеме и натаму да го следиме секој момент и неправда и ќе се бориме до последен момент за вистината, рече таткото на починатата Надица Наунова.




