САД остануваат многу зависни од своите европски сојузници, без оглед на реториката што доаѓа од Вашингтон, изјави поранешниот генерален секретар на НАТО и сегашен норвешки министер за финансии Јенс Столтенберг, цитиран од ДПА.

И покрај постојаните критики на американскиот претседател Доналд Трамп кон НАТО, одбраната на Соединетите Американски Држави започнува на границата меѓу Европа и Русија, нагласи тој.
Столтенберг истакна дека рускиот полуостров Кола, веднаш преку границата со Норвешка, е дом на еден од најголемите нуклеарни арсенали во светот.
„Ова оружје не е насочено кон Осло – туку е насочено кон Вашингтон и Њујорк . Но, Норвешка помага во следењето на руските подморници кога ги напуштаат своите бази“, појасни тој.
„Слична е ситуацијата и во Финска, како и во многу други европски земји. Ова е од клучно значење за безбедноста на Соединетите Американски Држави“, нагласи Столтенберг.
Тој призна дека постојат несогласувања меѓу САД и Европа по прашањата за трговијата, климата и безбедноста.
Според него, најважното нешто што Европа може да го направи за да го зачува НАТО е да ги зголеми своите инвестиции во одбраната.
„И токму тоа го правиме. Германија е веќе на пат да стане најголемиот инвеститор во одбраната во Европа“, истакна Столтенберг.




