Продолжува политиката на субвенцонирање и отворање нови авиолинии. Во изминатите две години отворивме неколку десетици, а како резултат на тоа очекуваме бројот на превезени патници оваа година да достигне 3,5 милиони, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
Аеродромите, потенцираше, веќе забележуваат раст со двоцифрен број проценти, а скопскиот имаше и до 30-тина проценти зголемување споредено со истиот период од минатата година.
Во услови на најголема светска енергетска криза, посочи, во услови кога сите ги затвораат своите граници, ние со керозин од Македонија снабдувавме неколку регионални аеродроми.
Мицкоски вели дека не очекува поголемо поместување кај цената на бензините, во однос на претходната недела и како што рече, би имало нивелирање за околу половина денар на безоловниот и на дизел горивото.
– Со тоа повторно остануваме најевтината земја кога станува збор за цените на горивата – изјави премиерот Мицкоски.
Тој повтори дека ќе мора да се прават промени во акцизната политика затоа што сме, посочи, единствениот случај каде што дизел горивото е поевтино од безоловниот бензин.




