
Фотографија: ЦЕНТКОМ„Договорено е да се продолжат техничките преговори за сите делови од меморандумот за разбирање. Двете страни засега ќе се повлечат и бродовите можат слободно да се движат“, рече официјалниот претставник, осврнувајќи се на меморандумот за разбирање од 14 точки од 17 јуни, кој треба да го одржи Ормутскиот теснец отворен за сообраќај.
Разговорите треба да продолжат во вторник во Катар, објави „Аксиос“, цитирајќи неименуван висок американски функционер.
Напади и контранапади
Двете страни ќе се вратат на дипломатијата по деновите напади и контранапади откако иранска ракета погоди товарен брод во Ормутскиот теснец во четврток. Во меѓувреме, САД и Иран се обвинуваат меѓусебно за кршење на привременото примирје договорено на 17 јуни.
Иран лансираше ракети и беспилотни летала врз американските воени бази во Кувајт и Бахреин во неделата, кратко откако Доналд Трамп се закани дека ќе го уништи целото раководство на Иран доколку Техеран не се придржува до договорот за завршување на војната. Бахреин го повика Советот за безбедност на ОН да одржи итен состанок и да го повика Иран на одговорност.
Израел во неделата објави дека повторно нападнале членови на Хезболах во Либан, уништувајќи ја подземната инфраструктура што ја користи милитантната група во село на југот од земјата. Веќе во саботата, израелските сили го извршија првиот напад по последниот договор за прекин на огнот договорен со Либан во петокот. Крајот на конфликтот во Либан го истакнува Иран како услов за спроведување на поширок мировен план.
Американските напади врз Иран
Американската војска претходно објави дека извршила нови напади врз Иран, неколку часа откако танкер беше погоден во Ормутскиот теснец, најважниот воден пат во светот за транспорт на енергија, над кој Техеран ја презеде контролата од почетокот на конфликтот.
„Може да дојде време кога повеќе нема да можеме да бидеме разумни, туку ќе бидеме принудени воено да ја завршиме работата што многу успешно ја започнавме“, рече Трамп во објава на социјалните мрежи пред извештајот на „Аксиос“.
Иранската Исламска револуционерна гарда објави во соопштение дека нејзината морнарица и воздухопловни сили извршиле ракетни напади и напади со беспилотни летала врз американските воени бази во Кувајт и Бахреин.
Иранските сили објавија дека американските напади претставуваат кршење на договорот за прекин на огнот и дека „ќе резултираат со целосно прекинување на сите дипломатски процеси“, објави државната телевизија Прес ТВ. Поморската администрација на Иран објави дека американските бази во регионот „ќе доживеат пекол во наредните денови“.
Кршливоста на примирјето
Привремениот договор за прекин на огнот од 14 точки имаше за цел да обезбеди прекин на борбите, кои САД и Израел ги започнаа на 28 февруари, и повторно отворање на Ормутскиот теснец додека се водат понатамошни преговори за прашања како што е нуклеарната програма на Иран.
Кршливоста на договорот беше показана и со откажувањето на техничките преговори со САД од страна на Иран, кои беа закажани за недела. Причината за откажувањето се неодамнешните напади врз Иран и неисполнувањето на условите од меморандумот за разбирање, изјави за иранската државна телевизија член на Канцеларијата за зачувување и објавување на врховниот лидер на Иран, Мехди Фазаили, додавајќи дека Техеран сака да провери дали има пристап до средства што САД требаше да ги одмрзнат според меморандумот за разбирање.
Вашингтон се согласи да ги ублажи санкциите против Техеран, заедно со ослободување на замрзнатите ирански средства, во првата рунда преговори со медијатори, што американската и иранската делегација ја одржаа пред една недела во Швајцарија, предводени од американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Галибаф. Сепак, нападите оттогаш продолжија и ескалираа.
Неименуван американски функционер потврди за Ројтерс дека Иран ги нападнал американските бази, додавајќи дека нема повредени американски државјани во нападите, ниту пак е нанесена поголема штета на американските бази на Блискиот Исток, но дека ситуацијата сè уште се развива.




