
Изборниот законик е новата пречка меѓу власта и опозицијата. Едните тврдат дека не се брза со неговото донесување и како што велат сакаат да се донесе со широк политички консензус, а другите најавуваат бојкот и обвинуваат дека се спрема најголемата изборна кражба.
Собранието вчера попладне донесе одлука дека измените на Изборниот законик ќе одат по скратена постапка но остана отворена дилемата како и кога ќе се донесат.
Опозициската СДСМ уште вчера се фати за работа и најави 10.000 амадмани за овој, според нив, неевропски и недемократски закон.
– Наскоро граѓаните ќе видат како изгледа криминален закон. Нема да дозволиме изборна кражба.10.000 амандмани спремни, напиша лидерот на опозицијата Венко Филипче.
Филипче: 10.000 амадмани спремни, нема да дозволиме изборна кражба
Одговор стигна од првиот човек на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој блокадата ја оцени како страв на опозицијата за успесите што ги постигнува Владата на меѓународен план.
– Исплашени се дека, по декемврискиот извештај, сега и во јунскиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите од Западниот Балкан повторно ќе бидеме најдобри… Но, имам лоша вест за нив: Македонија ќе ве победи вас и вашите блокади, напиша Мицкоски.
На опозицијата и предложи да направи амандмани за корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори и да ги повлече сите останати амадмани со кои се прави блокада.

Со предложените измени на Изборниот законик не се согласува ниту Левица која имаше свои претставници во работната група, но тоа според лидерот на Левица, не значи автоматско прифаќање.
Како отворени прашања, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, ги посочи условите за независните кандидати по одлуката на Уставниот суд, електронското гласање на дијаспората, финансирањето на изборните кампањи и билбордите и воведувањето на една изборна единица.
Координаторот на партијата Борислав Крмов од собраниската говорница им порача на пратениците од власта дека нема консензус од Левица за предложениот документ.
– Сето тоа се лаги. Ние сме доведени да прифатиме којзнае што, само за да фрлите неколку ситни трошки и потоа да тврдите дека има согласност. Исправањето на неуставните решенија не е услуга кон Левица, туку ваша обврска, изјави Крмов.
Договорот за измени на Изборниот законик беше постигнат на лидерската средба што се одржа во јануари по што разговорите се симнаа на работна група која од март одлучуваше на измените на Изборниот законик.




