Се укинува потпретседателското место во Владата за добро владеење, фунција што ја извршуваше Арбен Фетаи. Оваа позиција сега ќе биде под ингеренции на претседателот на Владата, соопшти премиерот Христијан Мицкоски во пресрет на седницата на ИК на ВМРО- ДПМНЕ по која ќе бидат соопштени имињата на новите министри.

– Претпоставувам се прашувате зошто не се спомнува потпретседателот на Владата за добро владеење – ресор кој по природата на нештата треба да го предложи ВМРО-ДПМНЕ. Ценам дека како концепт е добар и дека можеби би бил најпродуктивен ако биде дел од мојот кабинет. Во мојот кабинет има секретар кој е задолжен за следење на реализација на програмата на Владата и на владините политики, па оттука ценам дека би бил соодветен да биде одговорен и за добро владеење. Мислам дека еден член помалку во Владата на ниво на потпретседатели би било нешто кое можеме да го претставиме пред јавноста, изјави Мицкоски за Телма.
Мицкоски откри дека се преговара и со Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија која во моментот е дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ и има еден пратеник во Собранието.
Потврди дека со владината реконструкција ВМРО-ДПМНЕ ќе ги добие здравство, сектор кој неофицијално ќе го води актуелниот директор на ФЗОМ Сашо Клековски и секторот социјална политика, демографија и млади. Коалицискиот партнер Влен ќе ги добие ресорите Култура, Правда и Односи меѓу заедниците. ЗНАМ ќе го добие Земјоделство и уште еден заменик-министер.ж
Рокадите вака;
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски ќе биде новиот министер за здравство. Неговото место на чело на ФЗО ќе го заземе актуелниот министер за локална самоуправа Златко Перински, а со Министереството за локална самоуправа ќе раководи досегашниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ. Со Министерството за односи меѓу заедниците ќе раководи човек од Вреди.
Во најавената реконструкција на Владата на премиерот Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги земе ресорите Здравство и Социјална политика, труд и млади.
Кадри од Вреди ќе станат министри во Министерството за правда, од каде ќе замине Игор Филков од ЗНАМ, во Министерството за односи меѓу заедниците и во Министерството за култура и туризам, од каде ќе замине Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата ЗНАМ ќе го добие Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, кое досега го раководеше Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, а на неговро место доаѓа Борче Серафимовски од ЗНАМ, кој е актуелен државен секретар министерството.
На чело на Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе застане актуелниот заменик во овој ресор, Ѓоко Велковски на местото на Фатмир Лимани од Вреди.
Министерско место без ресор се очекува да добие Демократската партија на Турците, а Шабан Салиу веќе нема да биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030.
Формализирање на политичкиот договор на лидерите се очекува прво преку одлуки на надлежните партиски тела. Потоа ќе биде доставен предлогот од премиерот до Собранието.
ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржува седница на Извршниот комитет.




