дома Македонија Политика СДСМ: Го блокираме Изборниот законик за да спречиме изборен грабеж

СДСМ: Го блокираме Изборниот законик за да спречиме изборен грабеж

Опозициската СДСМ ги отфрли како „невистинити и пропагандни“ тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека опозицијата го блокира Изборниот законик поради, како што рече, „успесите на Владата“.

СДСМ

Во партиското соопштение, СДСМ оценува дека Владата не може да зборува за успеси, повикувајќи се на, како што наведува, состојбите во економијата, евроинтеграциите и јавните финансии.

„Ќе му одговориме со факти, а не со пропаганда“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека последниот извештај на Европскиот парламент, според нив, укажува на недостаток на напредок во клучните области како владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата.

Партијата тврди дека Македонија заостанува зад другите земји од регионот во процесот на европската интеграција и ја обвинува Владата за економски проблеми, зголемено задолжување и недоволен прилив на инвестиции.

Во реакцијата се наведува и дека Владата не ги прифатила предлозите на опозицијата при подготовката на измените на Изборниот законик, спротивно на тврдењата на премиерот.

„СДСМ не го блокира Изборниот законик од страв од успесите на Владата, туку за да спречи изборен грабеж и затоа што одбива да учествува во уште еден закон скроен по мерка на ВМРО-ДПМНЕ“, наведуваат од партијата.

Реакцијата следува откако премиерот Мицкоски оцени дека најавената блокада на Изборниот законик од страна на опозицијата е мотивирана од, како што рече, страв од резултатите што ги постигнува Владата.

Измените на Изборниот законик, меѓу другото, предвидуваат можност за електронско гласање на дијаспората, решение кое предизвика остри политички реакции и најави за поднесување илјадници амандмани од страна на опозицијата.

ПредходнаЗемјотресите ја опустошија Венецуела, мирисот на смртта се шири од урнатините