Британските пратеници изразија загриженост во врска со емитувањето на руската анимирана детска серија „Маша и мечката“, велејќи дека тоа е мека форма на руска пропаганда.

Маша и Мечката/YpuTube/принтскрин
Пратениците напишаа писмо до министрите во кое ги повикуваат да истражат дали можат да го спречат емитувањето на „Маша и мечката“ во Велика Британија, објави „Гардијан“.
Анимираната серија е исклучително популарна, но Украина и естонскиот министер за надворешни работи ја опишуваат како форма на руска „мека моќ“.
Откако серијата неодамна беше купена од Netflix и достапна на дигиталната платформа на ITV, ITVX, група пратеници од Либералните демократи, Лабуристите, Конзервативците, Зелените, Шкотската национална партија и Plaid Cymru, ѝ пишаа на министерката за култура Лиза Нанди, барајќи од неа да интервенира.
Во писмото, иницирано од пратеникот од либералните демократи Том Гордон и потпишано од над 50 други пратеници, се тврди дека некои од постапките на четиригодишната Маша претставуваат „пропагандна содржина“ што е „премногу очигледна“.
Пратениците посочуваат на една епизода во која Маша носи нешто што изгледа како шлем на тенковски екипаж и униформа од советската ера, како и друга во која носи она што тие го нарекуваат капа што личи на онаа на советските граничари и историски е поврзана со НКВД (тајната полиција на Советскиот Сојуз). Тие забележуваат дека оваа служба била „одговорна за масовни депортации, егзекуции и прогон на десетици милиони луѓе“.
Тие го цитираа и Украинскиот центар за борба против дезинформациите, кој е поддржан од украинската влада. Тие изјавија дека „Маша и мечката“ не е само анимиран филм, туку „инструмент на руската „мека моќ“, нагласувајќи дека содржи „потсмевање на традициите на другите народи преку однесувањето на Маша, како и нормализација на советските симболи и милитаристичките теми“.
Креаторите на „Маша и мечката“, анимациското студио „Анимакорд“, остро ги негираа овие обвинувања, нагласувајќи дека се приватен бизнис кој создава популарна детска емисија. Тие рекоа дека никогаш не добиле владино финансирање.
Други влади ги делат загриженостите на британските пратеници. Откако новиот договор со Netflix беше објавен минатиот месец, естонскиот министер за надворешни работи, Маргус Цахна, исто така, рече дека „Маша и мечката“ е дел од „меката моќ“ на Кремљ со тоа што турка про-Кремљ и милитаристички пораки во детската забава.
Тој нагласи дека „за многу нации, вклучувајќи ја и Естонија, советските симболи се симбол на окупација, масовни убиства, депортации и злосторства против човештвото“.




