дома Магазин Кики Мукаетова откри дека била жртва на тешко врсничко насилство: Двапати пукнат...

Кики Мукаетова откри дека била жртва на тешко врсничко насилство: Двапати пукнат нос, скршена рака – тон трауми

Водителката на емисијата „Низ град со Кики“, Кики Мукаетова, преку емотивна објава на социјалните мрежи сподели лично и потресно сведоштво за врсничкото насилство што го доживеала како дете. Нејзината реакција следува по последниот вознемирувачки случај на врсничко насилство во скопската општина Аеродром, кој ја брануваше јавноста.

Мукаетова откри дека како малолетно девојче била жртва на тешко насилство, поради кое претрпела сериозни физички повреди, но и длабоки емоционални лузни со кои се справувала со години.

„Два пати пукнат нос, скршена рака, тон трауми. Долги години работа со психолог и пак имам морници. И денес, на 18 години, уште го паметам стравот со кој одев во школо. Имав само 10 години, а секое седнување во клупа ми беше хорор“, напиша Мукаетова.

Таа додава дека ужасните последици од булингот не ги почувствувала само таа, туку директно се одразиле и врз нејзиното најблиско семејство. Водителката открива дека за нејзините сестри биле правени антигрупи на социјалните мрежи, а нејзиниот брат, на само седумгодишна возраст, исто така поминал низ голема траума.

Во својата објава, Мукаетова упати и остра критика за денешниот тренд каде насилството меѓу младите масовно се снима и се споделува на социјалните мрежи со цел јавно понижување на жртвата.

„До кога ќе гледаме деца како тепаат, понижуваат, а сега и снимаат? Колку треба да си несреќен за да направиш вакво нешто? Вие што хушкате од страна додека едно дете е тепано и понижувано, дали навистина мислите дека сте јаки?“, прашува таа.

Згрозена од актуелните случувања, но и водена од сопственото болно искуство, Мукаетова испрати итен апел до надлежните институции и општеството за воведување построги санкции и преземање на поголема одговорност за да се запре овој опасен феномен.

„Очајно ни треба одговорност. Најстроги казни – и за децата што вршат насилство и за родителите кога ја занемаруваат својата одговорност. Како општество, некако многу забораваме. Но децата што го преживеале овој хорор не забораваат никогаш“, порачува водителката.

 

Предходна„АНТИРадев“. Граѓаните повторно побараа оставка од Румен Радев
СледнаОпозицијата во БиХ е лута затоа што нема делегација на збогувањето со Хамнеи