ОРГАНИЗИРАЊЕТО на раскошната свадба што Тејлор Свифт и Тревис Келс ја имаа во Медисон Сквер Гарден беше извонреден потфат. Едвард Пероти, дизајнер на настани за познати личности кој организирал повеќе од 2.000 раскошни прослави во кариера што трае три децении, проценува дека таквата свадба би можела да чини до 50 милиони долари. Пероти детално објасни за „ Пипл “ што е потребно за да се испланира свадба од таков обем.
Иако Пероти лично не го планирал настанот, неговото искуство вклучува соработка со уметници како Аријана Гранде и Ник Џонас на некои од најпознатите локации во светот, вклучувајќи го Лувр, Версајската палата и Кинескиот ѕид.
„Знаеме дека сè ќе изгледа прекрасно и дека фотографиите ќе бидат неверојатни“, изјави Пероти за „Пипл“ пред свадбата. „Но, кога имате таква локација и мислите дека илјада гости на свадба се многу, грешите. Не е многу кога имате сала или арена што собира 20.000, 30.000 или 45.000 луѓе.“
Трансформирањето на една од најпознатите арени во светот, секако, не е евтино. Кога го прашале колку обично чини изнајмување на стадион за неколку дена, Пероти проценува: „Близу милион долари на ден“.
Но тоа е само почеток. „Не добивате празна зграда“, објасни тој. „Зборуваме за зграда стара 58 години чиј бетон и седишта се исполнети со мирисите на душата на Њујорк. Тоа се 58 години варени хот-догови, свежи помфрити и пиво истурено на подот.“
Логистички предизвици зад сцената
Атмосферата на арената е само едно парче од сложувалката, а Пероти вели дека оперативните предизвици зад сцената се исто толку застрашувачки. „Повеќето стадиони се синдикално организирани места, што значи дека мора да се преговара со синдикатот и работниците и да се плати“, објаснува тој. „Од тоа произлегува ефект на снежна топка за кој повеќето луѓе дури и не размислуваат“.
Кога ќе се земат предвид трошоците за работна сила, сценографија, цвеќе, осветлување, кетеринг, транспорт и сите елементи по нарачка, Пероти верува дека вкупниот буџет за свадбата би можел да достигне вртоглави износи. „Тој е во опсег од 35 до 50 милиони долари“, вели тој.
Дури и послужувањето вечера претставува посебни предизвици. „Не е важно колку петзвезден кетеринг имате или каков готвач имате“, вели Пероти. „Сè уште е логистички предизвик да се обезбеди таа услуга – да се достави храната до гостите на вистинскиот начин и на вистинската температура.“
Создавање чувство на интимност
Сепак, Пероти нагласи дека неограничениот буџет не е она што создава незаборавен настан. „Скапото не мора да значи и подобро“, вели тој. Според него, вистински легендарните прослави им оставаат на гостите нешто многу позначајно од раскошниот декор.
„Вистински легендарни се прославите за кои луѓето сè уште ќе зборуваат за 10 или 15 години од сега, за тоа како се чувствувале“, вели Пероти. „Тоа не се постигнува со пари. Тоа се постигнува со автентичност, внимание кон деталите.“
Според Пероти, најголемиот предизвик не е распоредот на просторот, туку создавањето чувство на интимност. „Проблемот е сцената, но и огромната висина на таванот што едноставно го апсорбира звукот“, објасни тој. „Потоа ви треба огромна количина кадифени завеси со кои би требало да ги покриете седиштата за да ги скриете.“
Ветеранот дизајнер вели дека речиси секој елемент би морал да биде изработен по нарачка. „Структурата и завесите што би ги користел за да ја покријам би морале да бидат со големина на Бруклинскиот мост“, се пошегува тој. „Како да најдете доволно црни кадифени завеси што можат да се подигнат најмалку 30 до 40 стапки за целосно да го блокираат погледот на трибините од приземјето?“
Осветлувањето, рече тој, станува една од најмоќните алатки на продукцискиот тим. „Неверојатно е што може да направи осветлувањето. Тоа е врвна илузија за сè“, забележа Пероти. „Но, во таква средина, тоа е буквално сè. Ви требаат спектакуларни цвеќиња, неверојатни живи елементи и мора да го спуштите таванот за гостите, кога седат на масата, да се чувствуваат малку поинтимно.“
Наместо да се обидува целосно да ја скрие арената, Пероти верува дека продукцијата треба да ја прифати нејзината драматична големина. „Би ја поставил сцената точно на средина и би ја направил кружна“, рече тој. „Имате простор, играјте си со него.“
„Херкуловски подвиг“
Без оглед на конечниот дизајн, Пероти не се сомневаше дека свадбата на Свифт и Келс ќе биде успешна. „Нема шанси да не функционира“, рече тој. „Она што го постигнаа во „Градина“ е навистина херкуловски подвиг.“
Дека настанот, и покрај неговата големина, изгледаше интимен, потврдија и водителите на емисијата „Добро утро Америка“ – Робин Робертс, Џорџ Стефанопулос и Мајкл Страхан – кои присуствуваа на свадбата.
„Заветите беа сè што би можеле да посакате“, рече Стефанопулос за двојката, двајцата на 36 години. „Вистински, ранливи, сериозни и забавни, длабоко исполнети со љубов… Тешко е да се замисли дека толку голем простор и свадба со толку многу ѕвезди би можеле да се чувствуваат толку лично.“




