дома Македонија Политика Левица: Ако за нешто треба да се кршат копја тоа е една...

Левица: Ако за нешто треба да се кршат копја тоа е една изборна единица, а не електронско гласање на дијаспората

 

Не се точни изјавите на Мицкоски дека нашите барања во Работната група за измена на Изборниот законик биле целосно прифатени. Напротив, нашите барања беа пред сѐ, една изборна единица и укинување на платеното политичко рекламирање и беа одбиени. Во текот на целиот процес за подготовка на Изборниот законик во Работната група, Левица беше конструктивна, целеше кон консензус и имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, се наведува во соопштението на Левица  .

Левица:  Ако за нешто треба да се кршат копја тоа е една изборна единица, а не електронско гласање на дијаспоратаЕдна изборна единица и нов Изборен законик беше причината поради која Работната група воопшто беше формирана. Една изборна единица не е ново барање на Левица измислено преку ноќ, за неа се говори со децении. Таа стои запишана дури и во партиската програма на ДПМНЕ. Пред само една година, Мицкоски лично апелираше за нејзино имплементирање како вистинска демократска реформа. Денес, истата таа идеја не само што ја нема во предложениот текст на законикот, туку целосно исчезна и од речникот на ДПМНЕ. Наместо реформа што обезбедува вреднување на секој глас, јавноста се занимава со тема која вчера не постоеше, а денес одеднаш е претставена како предуслов без кој нема изборни реформи и демократија – електронско гласање на дијаспората.

Најголемата измама на која ДПМНЕ инсистира е дека електронското гласање на дијаспората е најважното прашање за македонската демократија. Не е и никогаш не било. Тоа не е препорака на ОБСЕ/ОДИХР, не беше ветувано, ниту пак беше причина за формирање на Работната група. Тоа прашање беше вметнато буквално на самиот финиш на работата на Работната група и нешто за кое не се постигна консензус.

Сега, во предложениот текст на Изборниот законик на ДПМНЕ и ДУИ содржани се решенија за кои никогаш не беше постигнат консензус. Во текстот се вградени политичките условувања на ДПМНЕ, додека се исфрлени дури и оние решенија околу кои се изгради консензус. Типично за нив, наместо консензуален процес, добивме едностран политички диктат.

За една изборна единица во Работната група изговорот беше дека било преголем чекор, а денес немаат никаков проблем да инсистираат на целосно нов начин на гласање и тоа само за дијаспората. Промена на изборниот модел е наводно невозможна, ама промена на начинот на остварување на избирачкото право одеднаш е приоритет број еден.

Вистината е многу поедноставна. Една изборна единица не им одговара. Таа го руши комфорот на поголемите партии, го намалува ефектот од изборниот инженеринг и создава поправеден политички натпревар.

Оттука, ако веќе постојат црвени линии, тогаш тие треба да се повлечат околу правилата што ќе создадат поправеден изборен натпревар, а не околу изговорите што ќе го зачуваат постојниот систем. Денес тие го бранат и унапредуваат системот што три децении им овозможува нив, на истите партии, да ги пишуваат правилата за заштита на својот комодитет, а ние бараме една изборна единица и пофер медиумски простор за политичко рекламирање.

Левица

ПредходнаПрскање против комарци утре во Неготино
СледнаЛДП И ЛИБСЕН се изборија со Европските либерали да се изгласа Итна резолуција против историските вета и малтретирањата на ЕУ-границите