Украинскиот олигарх Вадим Јермолаев се извлече од кома и се опоравува во болница во Марсеј, по експлозијата во Монако во која тој и уште две лица беа повредени, додека осомничениот, украинската државјанка Анастасија Березовски (39), се бара во меѓународна операција, објави обвинителството на Монако.

Една од повредените, Ана Насобина, за која медиумите тврдат дека е вонбрачна партнерка на украинскиот бизнисмен, сè уште е во критична состојба откако беше пренесена во болницата Пастер во Ница во понеделник вечерта во критична состојба и беше подложена на ампутација на двете нозе, се вели во соопштението.
Украинката во последните денови примила масивни трансфузии на крв и ризикува да ја изгуби употребата на неколку сетила (вид, слух, говор), објавува порталот „Ница-Матен“.
Тринаесетгодишно дете, исто така повредено во експлозијата, е примено во Детската болница Ленвал во Ница со полесни повреди и е надвор од животна опасност.
Според обвинителството, експлозијата се случила во понеделник вечерта пред зграда во Монако, а главната осомничена е жена за која се верува дека поставила експлозивна направа и ја активирала со далечински управувач кога жртвите пристигнале пред влезот на зградата.
По нападот, осомничената избегала пеш во соседниот Босолеј, каде што презела возило и го продолжила бегството преку Италија кон Германија, каде што имала регистрирано живеалиште.
По неа е издадена меѓународна потерница преку Интерпол под сомнение за обид за убиство, поставување експлозивна направа на јавно место и заговор за извршување кривично дело.
Истрагата е во тек, а германските истражни органи објавија дека при претресот на нејзиниот стан се пронајдени одредени докази, кои биле проследени до властите во Монако.




