
Андреј Петров, поранешен генерален секретар на СДСМ и еден од членовите на “Чатам Хаус” групацијата од Лимак која побара повеќе дебата и нов општествен договор, во интервју за „Во Центар“ даде серија јасни и невообичаено директни позитивни оценки за политичката улога на Зоран Заев, особено за Преспанскиот договор, смената на власта и евроатлантските потези на државата.
Најсилната порака на Петров е поврзана со договорот со Грција. Тој вели дека „Договорот со Грција е историски исчекор за државата“ и додава дека Македонија мора да има добри односи со Грција. Во однос на Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, Петров изрази порезервиран и покритички став, но истовремено предупредува дека неговото евентуално раскинување би било „самоубиствено за државата“.
Петров јавно му признава и крупни политички заслуги на Заев. „Никој што е објективен не може да каже дека Зоран Заев нема заслуги за тоа [промената на власта]. Напротив, во тој дел забелешки не може да има“, вели тој, додавајќи дека „членството во НАТО е одличен потег“. Со тоа, Петров практично го признава историскиот придонес на Заев за падот на режимот на ВМРО-ДПМНЕ и за стратешкото позиционирање на државата.
Дополнително, Петров не го оспорува ниту политичкиот капацитет на Заев внатре во СДСМ. Потсетува дека иако на конгресот во 2013 година поддржал друг кандидат, никогаш не го спорел „политичкиот капацитет партиски внатре на Зоран Заев“, оценувајќи дека тоа бил чесен конгрес и дека Заев победил чесно. Во истата линија, тој не ги негира ниту партиските успеси и изборните победи на Заев во 2017, 2019 и 2020 година.
Особено значајна е и оценката на Петров за периодот кога СДСМ ги објавуваше „бомбите“. Според него, Заев „имал храброст да влезе во тој процес“, со што му признава политичка смелост во еден од најризичните моменти за тогашната опозиција.
Во време кога доминираат црно-бели оценки, Петров одлучи да “изигра” балансирано по однос на политичкото наследство на Заев: критичен кон делови од владеењето, но јасен дека Преспа, НАТО, силниот внатрепартиски лидершип, политичката храброст и победата врз режимот остануваат меѓу клучните позитивни обележја на ерата на Заев.




