Со изведување на материјални докази од Обвинителството денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, најтешката трагедија во Македонија, за која сеуште нема пресуда и одговорност. 
Обвинителството, како што е најавено, треба да презентира листинзи од телефонска комуникација, со што од материјалните докази предложени од обвинителството ќе остане уште изведување на градежно вештачење и произнесување на вештите лица.
На минатото рочиште обвинителството презентираше докази, како записници од претрес и потврда за привремено одземени предмети од МВР, дописи, известувања и записници од СВР Штип, известувања од Државен пазарен инспекторат, како и предмети од ДПИ за Класик ДМ и ММММ Кафе, налози за вршење инспекциски надзор и записници од извршени инспекциски надзори од ДПИ.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.




